Лек Петков

Со цел ум паднатиот бугарски премиер Кирил Петков упатува патетични пораки до Димитар Ковачевски да го прифати францускиот предлог и после и тој да падне. Но, нема така да биде. За разлика од лек Петков, нашиот премиер Ковачевски покажа стаменост, достоинство и политичка одговорност тогаш кога беше најпотребно.

8,079

Во македонскиот јазик – тој со чие постоење Бугарија никако не може да се помири – постои изразот „лек Петко“. Означува наивен и лекомислен човек. Можно е ист или сличен израз да постои и во бугарскиот јазик.

Начинот на кој сега паднатиот премиер Кирил Петков му држи лекции на македонскиот премиер Димитар Ковачевски укажува на една неверојатна наивност на човек којшто ја жртвуваше својата премиерска функција за едно големо – ништо.






Жртвата на Кирил Петков ќе имаше некаква смисла ако доведеше до посакуваниот исход – Софија и Скопје да го прегрнат францускиот предлог како взаемно прифатливо решение. Но, тоа не се случи, бидејќи во Македонија никој сериозен (освен неколку апологети издресирани да аплаудираат на секој абер што доаѓа од Брисел или од Вашингтон) не се осмели лекоумно да го поддржи предлогот кој бара Македонија да се согласи со ЕУ да преговара за идентитетските прашања.

Кирил Петков и натаму патетично го повикува Ковачевски „да донесе храбра одлука и да го прифати францускиот предлог“, иако, како што вели, знае дека „ризикот од уривање на владата во Скопје е голем. „Да бев на негово место – вели Петков за Ковачевски – не би размислувал двапати. Ако може да остане забележан во историјата преку отворањето на вратата на Северна Македонија во ЕУ, мислам дека тоа е добро постигнување за премиер, но потребна е храброст“.

Хахахаха! Се гледа дека овој не размислува два пати, а можеби и ниту еднаш.

Многу поетично кажано, но без суштина, без никаква сериозна мисла и промисла. На вакви евтини фори само Заев би паднал во севдах …

Овој Кирил навистина да ти бил еден лек Петков!

Вистински храбра одлука, драг наш лек Петков, е таа што ја донесе македонскиот премиер Димитар Ковачевски, отфрлајќи го францускиот предлог.

Еве, вака зборува политичар со високо развиено чувство за сопствената политичка и историски одговорност. Го цитирам Ковачевски:

„Францускиот предлог каков што е во моментот е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за владата, за коалиционите партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија. Мојот народ мора да се почитува. Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање за нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори. Сакам да ја искористам оваа прилика и да порачам дека граѓаните на Северна Македонија може да се спокојни. Ние секогаш ги имаме во прв план стратешките интереси и цели на државата. Никој не може без наша согласност да наметне какво било решение. Ние направивме сè, сега ЕУ е на потег.“

На иницијатива на Макрон и на другите сојузници на Софија, Македонија во последниве недели беше соочена со жесток и беспримерен притисок да прифати предлог што директно ги воведува софиските оспорувања на македонскиот идентитет во рамката за преговорите меѓу нашата земја и ЕУ. Ковачевски, кој одамна рече дека за овие прашања нема да се преговара, постапи мудро, ги сослуша ставовите на сите релевантни политички фактори во земјава и го потврди и сопственото гледиште – ваков предлог не може да се прифати.

Освен дипломатскиот притисок, Ковачевски беше принуден да го издржи и притисокот дома, од сомничењата дека решил да се предаде, преку сугестиите „да размислиме“ дали вреди да се предадеме и будалестите идеи францускиот предлог да се прифати на невидено и без размислување. па сè до суптилните опомени дека живееме во светот на политиката на моќта и дека предлогот на Макрон бил „земи или остави“.

Во такви непријатни околности, наместо лекомислено да ја жртвува својата политичка кариера за едно големо ништо – прифаќањето на францускиот предлог немаше да значи почеток на преговорите, туку само одржување на една меѓувладина конференција без суштинско значење – Ковачевски одлучно застана на принципиелни позиции и ги отфрли софиските уцени спакувани во францускиот предлог.

Постапувајќи така и преземајќи многу поголем ризик од Кирил Петков, македонскиит премиер им одржа лекција на европските политичари за тоа што значи одговорно владеење на човек кој вели: „Мојот народ мора да се почитува“.

Нема Македонец, без оглед дали е приврзаник ва владејачката партија на чие чело е Димитар Ковачевски, или е жесток опозиционер и негов критичар што не ги потпишува овие негови зборови:

„Ние направивме сè, сега ЕУ е на потег“.

И затоа е смешно кога лек Петков за Ковачевски вели: „Да бев на неговото место … “

Да се обидел лек Петков барем еднаш да се стави во кожата на македонскиот премиер и на сите Македонци, би ги отфрлил сите оспорувања на македонската нација и на македонскиит јазик како бесмислени, како и сите обиди со расправата за „заедничката историја“ да се докаже бугарството на Македонците. Да се потрудел лек Петков барем еднаш да биде на местото на Ковачевски, или на местото на кој било од нас, би сфатил како е некој да те убедува дека не си она што си, Македонец, како е кога некој те негира и те ништи по секоја основа и згора бара европски сојузници за таа валкана работа.

Треба да си стамен, достоинствен, храбар и голем тоа да го издржиш.

И затоа, најдобро е лек Петков своите лекции по политички морал да си ги задржи за себе. И да почне од тоа да не се лаже себеси и да не ги лаже и другите. А лага е дека Кирил Петков падна поради македонскиот вапрос!

Како и да е, на Димитар Ковачевски му посакувам да ги издржи сите притисоци и да остане цврсто и непоколебливо на принципиелни позиции. Македонија останува посветена на евроатлантскиот процес, но Македонците нема да станат Бугари.

Поврзани содржини