ЛЕГО ВЕТУВА РОДОВО НЕУТРАЛНИ ИГРАЧКИ Нема веќе машки и женски сетови
Глобалното истражување спроведено од компанијата открило дека 71 процент од анкетираните момчиња се плашат дека ќе бидат исмејувани ако си играат со она што тие го опишуваат како „играчки за девојчиња“
Лего најави дека ќе работи на отстранување на родовите стереотипи од своите играчки, откако глобалното истражување нарачано од компанијата покажа дека ставовите кон играчките и идните кариери остануваат нееднакви и рестриктивни.
Истражувачите откриле дека иако девојчињата стануваат посигурни и желни да се вклучат во различни активности, истото не важи за момчињата.
Седумдесет и еден процент од анкетираните момчиња се плашат дека ќе бидат исмејувани ако си играат со она што тие го опишуваат како „играчки за девојчиња“-страв што го делат и нивните родители. „Родителите се повеќе загрижени дека нивните синови ќе бидат задевани отколку нивните ќерки затоа што си играат со играчки поврзани со спротивниот пол“, вели Медлин Ди Ноно, извршен директор на Институтот кој го спровел истражувањето.
„Но, тука е и тоа дека однесувањата поврзани со мажите во општеството повеќе се ценат“, вели Ди Ноно. „Додека општествата не препознаат дека однесувањето и активностите што обично се поврзани со жените се подеднакво вредни или важни, родителите и децата привремено ќе ги прифатат“.
Студијата покажала дека родителите продолжиле да ги охрабруваат синовите да спортуваат и слично, додека на ќерките им нудат танцување и облекување (девојчињата имале пет пати поголеми шанси да бидат охрабрени во овие активности отколку момчињата) или готвење (три пати поголема веројатност дека ќе бидат поттикнати).
„Овие сознанија потенцираат колку се во светот вкоренети родовите пристрасности, вели Џина Дејвис, оскаровка, актерка и активистка која во 2004.година го основала Институтот за борба против негативните родови стереотипи и поттикнување на инклузијата.
„Тоа е асиметрија“, вели проф. Џина Рипон, невробиолог и авторка на книгата Gender Brain. „Ги охрабруваме девојчињата да си играат со „момчешки работи “, но не и обратно.
Тоа беше проблем бидејќи играчките нудеа „можности за обука“, вели таа. „Значи, ако девојчињата не си играат со Лего или други градежни играчки, тие не развиваат просторни вештини што ќе им помогнат подоцна во животот. Ако куклите им се туркаат на девојчињата, но не и на момчињата, тогаш момчињата ги пропуштаат вештините за негување“.
Данскиот производител на играчки нарача извештај за Меѓународниот ден на девојчиња на ОН. Биле анкетирани скоро 7.000 родители и деца на возраст од шест до 14 години од Кина, Чешка, Јапонија, Полска, Русија, Обединетото Кралство и САД.
„Работиме за да го направиме Лего поинклузивно“, рекла Џулија Голдин, главен директор за производи и маркетинг во групацијата Лего, најголемиот производител на играчки во светот.
Од почетокот на 2021 година, Институтот Џина Дејвис го ревизираше Лего и советуваше „да се справи со родовата пристрасност и штетните стереотипи“, а компанијата вети дека ќе ги отстрани родовите пристрасности од своите линии.
„Традиционално, на Лего му пристапувале повеќе момчиња, но производите како што се (линијата за уметност и занаети) Lego Dots или Lego City Wildlife Rescue Camp се специјално дизајнирани да им се допаднат и на момчињата и на девојчињата“, вели Голдин. Мандатот на Лего сега е да промовира негување и грижа, како и просторна свест, креативно размислување и решавање проблеми.
Кампањата „Дозволете играчките да бидат играчки“ започна во 2012. година во Обединетото кралство за да изврши притисок врз детските брендови да го прошират својот маркетинг и да ги вклучат двата пола, така што ниту едно момче или девојче да не мислат дека си играат со „погрешна играчка“. Но, напредокот е бавен. Извештајот на Фосет од 2020 година покажал дека „мрзливите стереотипи“ и поделбата на играчките по пол предизвикале ментална здравствена криза кај младите луѓе и ограничени перцепции за избор на кариера.
Исто така, страдаат родителите. Институтот Џина Дејвис откриле дека родителите од двата пола ги оцениле мажите како „покреативни“, имало шест пати поголема веројатност дека ќе ги сметаат научниците и спортистите за мажи отколку за жени, а повеќе од осум пати било веројатно дека ќе ги сметаат инженерите за мажи.
Голдин вели дека Лего веќе не етикетира ниту еден од своите производи „за девојчиња“ или „за момчиња“. На Lego.com, потрошувачите не можат да бараат производи по пол. Наместо тоа, веб-страницата нуди теми што ги нарекува „точки на страст“.
„Тестираме се и на момчиња и на девојчиња, вклучително и повеќе женски модели“, вели Голдин. Неодамнешниот Лего Кон претставил дизајнерки кои зборуваат за работата што ја завршиле, додека кампањата на Лего „Обнови го светот“ се фокусира на девојчињата.
„Нашата работа сега е да ги охрабриме момчињата и девојчињата кои сакаат да си играат со сетови за кои традиционално се сметаше дека не се за нив“, додала Голдин.
Фото: Unsplash