Легитимно е политичар да се нарече „глупак“ или „идиот“, а јас на Венко прво му се извинив и оставив можност да не е „будала“, туку некој да го брлави – па малку ли е тоа?!
Во политичката полемика меѓу Центарот за комуникации на СДСМ и Плусинфо и меѓу и мене и Венко Филипче – почната од страна на Центарот – имаше обострано остар јазик, навреди и провокации. Но, праксата на Европскиот суд за човекови права од Стразбур вели дека во јавната дебата, политичарите, кои свесно и доброволно се изложуваат на јавна проценка, мора да покажат висок степен на толеранција. За жал, Венко решил да биде тужибаба, а моите колеги од Советот на честа на ЗНМ прифатиле да ме осудат без да ме известат за претставката и без да ми овозможат да се бранам. Во таа формална смисла, Николае и Елена Чаушеску добија пофер судење од мене.
Кога пред повеќе години ние новинарите се боревме и се изборивме за декриминализација на тогашните кривични дела навреда и клевета, една од поважните работи на која инсистиравме е во граѓанските парници, според новиот закон за граѓанска одговорност за овие дела, судовите задолжително да се раководат и од приниципите и стандардите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Не беше тоа случајно, се разбира. Судот во Стразбур суди според Европската конвенција за човекови права, која со право се смета „златен стандард“, да не речам „библија“ во областа на човековите слободи и права.
Ако Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и денес инсистира на тој став, логично е и Советот на честа на ЗНМ, при донесувањето одлуки за претставки во кои се оспоруваат етичкото поведение на новинарите и содржините во одделни медиуми, со тврдења дека содржат навредливи или клеветнички наводи, да се раководи од истите принципи и стандарди. За жал, при донесувањето на одлуката на 14 ноември годинава (објавена дури на 17 декември), по претставка на политичката партија СДСМ против мене, во која е утврдено дека сум користел „навредлив, агресивен и заканувачки речник“ за претседателот на СДСМ Венко Филипче, Советот на честа на ЗНМ, освен што ме лишил од можноста да бидам известен за претставката, да поднесам писмена одбрана со докази и да учествувам во расправата на која се одлучувало (а таа можност е предвидена во неколку члена на Правилникот за работа на ова тело), не ги почитувал и стандардите и судската пракса токму на Европскиот суд за човекови права.
Вредносните судови не се подложни на докажување
Пред да се впуштам во расправа за овој катастрофален пропуст на Советот на честа на ЗНМ, ќе се потрудам да објаснам од какви принципи и стандарди се раководи ЕСЧП и зошто се тие исклучително важни за сите демократски земји, потписнички на Европската конвенција за човекови права (меѓу кои е и Македонија).
Во судската пракса на ЕСЧП веќе со децении се повторува една јасна, конзистентна и принципиелна порака – политичките јавни личности мора да прифатат далеку пошироки, поостри и понекогаш претерани форми на јавна критика отколку обичните граѓани. Таа порака не е израз на арбитрарна наклонетост кон медиумите, туку произлегува од самата суштина на демократското општество, во кое политичката дебата мора да биде жива, слободна, па дури и непријатна за оние што ја вршат власта.
Овој принцип јасно се артикулира уште во раната и пресудна одлука Lingens против Австрија. Станува збор за одлука на ЕСЧП од 1982 година. Новинарот Петер Лингенс бил кривично осуден, бидејќи во своите колумни употребил остри и морално негативни квалификации за тогашниот австриски канцелар Бруно Крајски (го нарекувал „неморален“, „низок опортунист“, „недостоинствен“ и слично). Домашните судови сметале дека таквите оценки се навредливи и дека новинарот мора да ја докаже нивната вистинитост.
ЕСЧП, меѓутоа, ја урива таа логика во корен. Судот јасно прави разлика меѓу фактички тврдења и вредносни судови, нагласувајќи дека вредносните судови по дефиниција не се подложни на докажување, а нивното санкционирање претставува директен напад врз слободата на мислење. Уште поважно, Судот експлицитно утврдува дека границите на прифатлива критика се пошироки кога станува збор за политичар, кој свесно и доброволно се изложува на јавна проценка и затоа мора да покаже поголема толеранција, дури и кон остар, провокативен или неправеден јазик.
Клучен е контекстот – во политичка полемика, политичарите мора да покажат висок степен на толеранција
Неколку години подоцна, попрецизно во 1997 година, во случајот Oberschlick против Австрија, оваа логика е дополнително зацврстена. Новинарот Герхард Обершлик бил осуден затоа што политичарот Јорг Хајдер го нарекол „Trottel“, збор што во превод значи „глупак“ или „идиот“ и во јавната перцепција недвосмислено носи значење на навреда. Австриските судови го изолирале зборот, го третирале како чиста лична навреда и изрекле парична казна, која ако не се плати, ќе се замени со затворска казна.
ЕСЧП, пак, прави нешто суштински различно. Судот го гледа контекстот. Имено, Судот утврдува дека изразот бил употребен во рамки на политичка полемика, како реакција на конкретни политички ставови и јавни настапи на Хајдер. Во таков контекст, дури и груб и непримерен јазик може да биде заштитен со членот 10 од Конвенцијата. Повторно се нагласува дека политичарите мора да покажат поголем степен на толеранција, бидејќи спротивното би довело до „стерилизирање“ на политичката дебата.
Новинарската слобода опфаќа и можност за претерување, па дури и провокација
Особено важен за новинарската пракса е големиот советодавен случај Dalban против Романија. Романскиот новинар Јонел Далбан пишувал за сомнежи во злоупотреба на државен имот и за однесувањето на сенатор и директор на државна компанија. Домашните судови го осудиле за клевета, тврдејќи дека не ги докажал наводите и дека тие не биле потврдени со официјални обвиненија.
Во својата пресуда од 1999 година, ЕСЧП ја отфрла таквата формалистичка логика. Судот подвлекува дека прашањата за управување со јавни ресурси и одговорноста на политичките функционери се во самото срце на јавниот интерес. Во такви случаи, улогата на печатот како „јавен чувар“ добива посебна тежина. ЕСЧП експлицитно наведува дека новинарската слобода опфаќа и можност за претерување, па дури и провокација, и дека домашните судови мораат да покажат особена воздржаност при санкционирање на вакви изрази, бидејќи во спротивно создаваат „дејство на констернација“ врз медиумите.
Ситен детал во врска со оваа одлука на Судот во Стразбур е податокот дека новинарот починал една година пред таа да биде донесена, па моралната сатисфакција ѝ припаднала на неговата сопруга Елена Далбан.
Нема привилегирани и заштитени од остра критика поради нивната функција или статус
Слична логика се среќава и во случајот Colombani и други против Франција, каде што новинари на „Ле Монд“ биле санкционирани поради критички текст за странски шеф на држава, врз основа на закон кој обезбедувал посебна, засилена заштита за такви личности. ЕСЧП оценува дека ваквата „привилегирана“ заштита е неспоива со современото разбирање на слободата на изразување и на политичката дебата. Судот практично порачува дека не може да постојат категории јавни личности кои се заштитени од остра критика само поради својата функција или статус.
Иако не се однесува директно на политичари, случајот De Haes и Gijsels против Белгија дополнително го зацврстува принципот дека јавната критика кон носители на моќ – било да се судии, обвинители или политичари – ужива силна заштита. Двајца белгиски новинари од Антверпен, кои пишувале во магазинот „Хумо“, биле осудени поради жестока критика на судски одлуки, но ЕСЧП утврдува дека тие дејствувале во рамки на јавна дебата од големо значење и дека санкциите биле несразмерни.
Како Судот во Стразбур ја толкува потребата од судска заштита на угледот на другите
Во точката 2 од Членот 10 од Европската конвенција за човекови права (овој член зборува за слободата на говорот), се вели: „Остварувањето на овие слободи, бидејќи со себе носи должности и одговорности, може да биде подложено на формалности, услови, ограничувања или санкции што се пропишани со закон и се неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната безбедност, за спречување на нереди или криминал, за заштита на здравјето или моралот, за заштита на угледот или правата на другите, за спречување на откривање доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството“.
Токму на ставот 2 се повикуваат националните судови кога се обидуваат да ги оправдаат пресудите за навреда и клевета („заштита на угледот на другите“). Но, ЕСЧП постојано нагласува дека зборовите „неопходни во едно демократско општество“ не се формула без содржина, туку строг тест. Во случаите што ги анализиравме, Судот нагласува дека политичката дебата ужива највисоко ниво на заштита, а ограничувањата мора да бидат исклучок, не правило. Оттука и заклучокот дека политичките јавни личности мора да прифатат и претерана, остра и неумерена критика, сè додека таа е дел од јавната расправа.
Мојата одбрана во случајот „Геро остро перо vs. Венко тужибаба“
Да се вратам сега на мојот „случај“ и на „пресудата“ на Советот на честа на ЗНМ, донесена – морам повторно да го нагласам тоа – без да ми биде дадена можноста да одговорам на претставката на СДСМ и да се бранам.
Во претставката на СДСМ се оспорува мојата колумна под наслов „Извини Филипче, ама ти или си будала, или некој опасно те брлави – не ти кажа Зоќе да не се закачаш со мене?!!“, објавена на 20 октомври. Оваа колумна има јасен и прецизен контекст, таа е одговор на соопштение на Центарот за комуникациии на СДСМ, под наслов „Плусинфо манипулира и одработува за ДПМНЕ, треба да му се извини на Филипче!“. Во мојата колумна целосно е пренесено тоа соопштение, пред мојот коментар на наводите во него.
И таа реакција на СДСМ има свој контекст. За тоа зборува и мојата колумна: „Два часа пред паничната реакција на Центарот за комуникации, Плусинфо објави вест дека во неделата вечер, во текот на пребројувањето на гласовите, Венко Филипче излажал и си додал на контото уште 4 општини. Во текстот, со официјални бројки на ДИК, се докажува дека во трката за градоначалници за Валандово, Чешиново-Облешево, Конче и за Пробиштип, водат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, а не на СДСМ, како што тврдеше Филипче“. Во мојата колумна, на која ѝ претходи и возвратно писмо од моја страна до Центарот за комуникации, укажувам и непобитно докажувам дека со 70% преброени гласови партиските штабови вообичаено точно соопштуваат кој победува или води, а ако резултатите се тесни, тогаш, додека не се расчисти сликата, однапред не се прогласува победник.
Тоа е целосниот контекст на оваа политичка дебата, на оваа полемика меѓу Плусинфо и СДСМ. „Победникот“ во полемиката го дознавме по прогласувањето на финалните резултати и по вториот изборен круг: во сите четири општини во кои СДСМ предвреме прогласи водство, поведе ВМРО-ДПМНЕ и по вториот круг победи. Неспорен победник во полемиката со СДСМ, значи, беше порталот Плусинфо.
Во жестоката реакција на СДСМ беа употребени навредливи и клеветнички зборови за порталот Плусинфо. Беше наречен „мегафон на власта“ и наклеветен дека „одработува“ и „шири дезинформации во служба на власта“. ЗНМ тогаш не реагираше на овој брутален атак врз еден медиум во текот на изборниот процес, што е редок преседан (таквиот атак, не нереагирањето на ЗНМ). Плусинфо од никого, па ни од ЗНМ, не побара реакција или заштита, разбирајќи го и правото на СДСМ жестоко и неумерено да ги критикува и медиумите и новинарите, дури и во екот на политичката дебата. Тоа не е многу паметно, се разбира, но во овој СДСМ сега многу памет не треба да се бара…
Бидејќи не сум плачко и тужибаба како Венко Филипче, а и немам можност или желба да влијаам врз новинарските здруженија да носат одлука во моја полза, наспроти принципите и стандардите што тие здруженија самите вербално ги бранат, одлучив да реагирам по принципот „со книга на книга“. Јас, за разлика од многу други колеги и пара-колеги, своите проекти ги доживувам како свои рожби, како свои деца, па емотивно се поврзувам со нив (тоа не ми е добра особина, но што можам, таков сум). И така, предизвикан од жестината на нападот на Центарот на комуникации на СДСМ (партијата чиј шеф е Венко Филипче) и понесен од сопствените емоции, напишав колумна во која изреков зборови на неумерена и жестока критика на сметка на докторот.
Точно е дека на Венкота во насловот и во текстот му напишав: „Извини Филипче, ти или си будала или некој опасно те брлави…“ Е сега, да потсетам ли дека австрискиот колега Обершлик без задршка политичарот Јорг Хајдер го нарекол „глупак“ односно „идиот“ и дека ЕСЧП смета дека тоа е дозволено? А пред јас Венкота да го наречам „будала“, во истиот наслов, прво му се извинив, а во продолжение оставив можност тој всушност да не е будала, туку некој да го брлави (со значење – да го лаже, да му го мати умот). Па малку ли е тоа?!
Мојата наводна „агресивност“ и „закана“ кон него – веројатно се мисли на реченицата „отсега има со туп нож да те кољам, дружe“ – е чудно разбрана. Не ми е јасно како е можно тоа, бидејќи фигуративното значење на сленг фразата „колење со туп нож“ е општо познато. Пореално е напишаното да се протолкува како моја најава дека полемиката меѓу мене и Венко Филипче опасно ќе се заостри и ќе се води на лично ниво (не по мој избор), но ете, допуштам некој да ја протолкува и како закана. Но, никако како агресивност, ве молам.
Како беа судени Николае и Елена Чаушеску, а како ме „осудија“ мене
И да не објаснувам повеќе, ќе го кажам следново: полемиката меѓу Центарот на комуникации на СДСМ и Плусинфо и меѓу мене и Венко Филипче, со сета нејзина неумереност и жестина, целосно се вклопува во разбирањето на Европскиот суд за човекови права на фактот дека новинарската слобода опфаќа и можност за претерување, па дури и провокација, при што политичарите мора да покажат поголем степен на толеранција, бидејќи спротивното би довело до „стерилизирање“ на политичката дебата.
Да имав можност да се бранам, наместо да бидам „осуден“ во еден кафкијански процес, ќе го напишев и ќе го образложев она што го кажав погоре, со анализа на сите знаменити кејсови на ЕСЧП на оваа тема. Но, да се разбереме, немам илузија дека Советот на честа на ЗНМ – во состав Огнен Јанески (претседател), Мира Костиќ, Александар Самарџиев и Бесим Шабани – ќе постапеше поинаку. Само се чудам зошто не ме викнаа да ме сослушаат (најмалку од Мира Костиќ, новинарка од мојата генерација, го очекував тоа), да ми дадат едно кафе да испијам и потоа да ме „осудат“.
Па ве молам, сетете се како беа осудени Николае и Елена Чаушеску на 25 декември 1989 година, во воена касарна во Трговиште, пред вонредниот воен трибунал, формиран ад хок за таа цел. Чаушеску и сопругата беа формално медицински прегледани и прогласени за способни да присуствуваат на судењето. Им беше доделен бранител по службена должност, кој си ја заврши својата работа. Тие двајцата добија право да дадат исказ, што го искористија – Николае одби да го признае судот, а Елена главно негираше вина и одбиваше да соработува. Процесот траеше помалку од еден час. Потоа беа осудени на смрт и стрелани во текот на истиот ден.
За разлика од ова „фер судење“, јас воопшто не бев известен дека ќе бидам „суден“, не добив право да бидам медицински прегледан (ако се возбудам многу од претставката на СДСМ), не добив право да се бранам, не добив право да дадам исказ и не ми беше соопштена „пресудата“. Па кај го има тоа, другарки и другарчиња од СДСМ и драги колеги од ЗНМ?!
ПС. За да нема забуна и погрешни толкувања кај оние што сакаат нешто да научат од оваа анализа, да нагласам дека стандардите на Судот во Стразбур во врска со пресудите на националните судови за делата навреда и клевета не се „растегливи“, односно не се однесуваат на пресуди за други дела, како што се говорот на омраза, ширењето расизам и ксенофобија, говор со кој се загрозува јавното здравје и слично. За тие теми важат други, многу поостри стандарди.