ЛЕГЕНДИТЕ НА РИНГОТ ДОБИЈА СВОЕ МЕСТО ВО ИСТОРИЈАТА Промовирана книгата „Боксерски асови на Македонија“ од Ставре Џиков
Во присуство на спортски работници, тренери, поранешни боксери и поддржувачи на спортот, денеска во Скопје беше промовирана книгата „Боксерски асови на Македонија“ од Ставре Џиков.
Авторот на книгата се осврна на успесите, но и на предизвиците со кои се соочуваше овој спорт во изминатите две-три децении.
– Секој спорт ги гради сопствениот народ и сопствената држава. За мене лично, боксот преставува една од темелните морални идеи да се покажеме во и надвор од Македонија. Во книгата се пишува за актери кои цел живот го дале за унапредување на боксот во Македонија и кои не смеат да бидат заборавени. Благодарност до сите кои изминатите 2-3 децении несебично го помагаа боксот, одвојувајќи лични средства – истакна Џиков.
За книгата зборуваше и македонскиот спортски новинар Зоран Михајлов.
– Големо признание за Ставре Џиков, затоа што, сето ова што ќе се напише практично е нашата спортска историја. Ваквите трудови докажуваат кои сме ние Македонците. Ова е начинот на кој, ние што сме постигнале нешто во животот оставаме белег и така ја создаваме историјата. Ваквите книги говорат за врвните остварувања на македонските спортисти, во случајов боксери. Идните генерации ќе имаат можност да се присетуваат на македонските врвни асови во боксот, а самите боксери преку овој труд ќе можат да се навратат во младоста и убавите боксерски денови – рече Михајлов.
Книгата содржи 136 страни, во неа се пишува за тренерите Миле Смилевски и Љупчо Павловски, за боксерите Тони Насковски и Тони Јаневски, за клубот Водно, за „Златниот гонг“ и за многу други личности и случки кои ќе останат дел од историјата на македонскиот бокс.