Почетокот на септември годинава е резервиран за најновото издание на реномираниот Танц Фест 2020. Под мотото „Потрага по допир“, во фестивалот за првпат, еден дел од програмата ќе се одржи во живо, во форма на танцов маратон, на кој традиционално свечено ќе биде доделена наградата „Менада“. Советот на фестивалот Танц Фест Скопје, оваа година со наградата „Менада“ за исклучителни достигнувања во областа на танцот, ја закити Џоан Мајерс Браун, легендата на американската танцова сцена.
-Во областа на танцовата уметност постојат исклучителни уметници, пионери кои се борат за нејзиното место и афирмирање, како во средината во која творат, така и во светски рамки. Тие пионери ги краси исклучителен талент, упорност и храброст да се спротивстават кога е потребно. Поседуваат единствена енергија и лидерство, кои понатаму создаваат нови средини, во кои танцот може слободно да се развива. На овој начин, преку признавањето на нивната личност, овозможуваат општеството да ја признае и танцовата уметност. Една од овие исклучителни личности е и госпоѓата Џоан Мајерс Браун, чие дело одблизу можевме да го видиме и во Скопје, лично да ја запознаеме и да ја почувствуваме нејзината незапирлива енергија, за што сме исклучително благодарни. Со својата работа во уметноста, креациите, но пред сѐ, со визијата која непоколебливо ја има, се вбројува во редот на најзначајни уметници на 20-иот и 21-иот век на светската танцова сцена – велат од Советот на Танц Фест Скопје.
Оваа награда ѝ е доделена за нејзината исклучителна посветеност и уметнички придонес за развој на танцовата уметност на светско ниво, преку активното делување и творење во областа на балетот и современиот танц.
Џоан Мајерс Браун и нејзината компанија „Филаданко!“ во 2012 година учествуваа во програмата на Танц Фест Скопје и остварија извонреден успех. Ова беше и првата американска компанија која гостува во рамките на фестивалот, на највисоко уметничко ниво.
За својата работа Џоан Мајерс Браун, меѓу другите награди и признанија е добитник на Националниот медал за уметност на САД, највисоката граѓанска чест за извонредни достигнувања во уметноста, доделена во јули, 2013 од страна на претседателот Барак Обама. Наградена е за „издвојување и овозможување на уметнички рај за афроамериканските танчери и кореографи, каде тие можат да бидат иновативни, креативни и да ги споделат своите уникатни визии со националните и глобалните танчерски заедници“.
Џоан Мајерс Браун е основач на компанијата за танц од Филаделфија – „Танцова компанија на Филаделфија“ (The Philadelphia Dance Company) или „Филаданко!“ и на училиштето за танцова уметност во Филаделфија – „Филадефијска школа за танцова уметност“ (The Philadelphia School of Dance Arts). Таа е почесен претседател на „Меѓународната асоцијација на афроамериканците во танцот“ (International Association of Blacks in Dance (IABD)), организација која ја основала во 1991 година. Основач е и на меѓународната конференција „International Conference of Black Dance Companies“, основана во 1988 година. Мајерс е почесен гостински професор на Универзитетот за уметност во Филаделфија, член е на Факултетот за танц при Универзитетот „Howard“ од Вашингтон и се стекнала со признанието „Почесен доктор“ од универзитетот „Ursinus“ во т.н. Колеџвил, Пенсилванија. Во мај, 2015 година, Мајерс станува „Почесен доктор на уметности“ при Универзитетот на Пенсилванија. Дел е од биографскиот речник на значајни живи личности „Кој е кој во Америка“ (Who’s Who in America), опишана како „иноватор и комуникатор“, со значаен придонес во националните и меѓународните уметнички заедници.
На регионално и национално ниво, Браун има активно учествувано во широк спектар на организации, меѓу кои и „New England Foundation for the Arts’ National Dance Project“; Информативна агенција на Обдинетите Американски Држави; „Arts America“; „National Endowment for the Arts“; државните совети за уметност на Пенсилванија, Њу Џерси, Мичиген, Невада и Охајо, како и во Националниот форум на жени-менаџери. Локално, била дел од „Greater Philadelphia Cultural Alliance“; „Minority Arts Resource Council, Inc.“; Советодавното тело за култура на Филаделфија; Танцовиот Сојуз на Филаделфија; „Women’s Heritage Society и Dance/USA“. Браун учествува на кореографскиот панел при програмата на Рокфелер Фондацијата за уметности и хуманитарни науки, и служеше како потпретседател (и ко-основач) на Коалицијата на културни организации на Афроамериканците.
Во 1997, Браун е назначена за една од таканаречените „Dance Women: Living Legends“ за време на четиридневна серија настани спонзорирана од презентери од Њујорк и околината, во чест на петте афроамерикански жени пионери, основачи на истакнати компании за современ танц, со длабоки корени во заедниците на афроамериканците ширум земјата. Во 2005 година, Центарот Кенеди ја награди како магистар на афроамериканската кореографија. Во 2009 ја доби престижната награда „Филаделфија“, а 7. ноември во 2010 година е прогласен за Ден на живото наследство Џоан Мајерс Браун. Меѓу останатите, и Браун е избрана е како почесна гостинка на „Dance/USA 2013“, за „нејзиното извонредно уметничко водство, негување на многумина танчери и кореографи, визионерско лидерство и огнена грациозност во полето на танцот“.
Добитник е на низа други признанија низ годините, меѓу кои и награди од „Philadelphia Tribune“, Афроамериканскиот музеј во Филаделфија, како и членство во т.н. „Distinguished Daughters of Pennsylvania“ во 2012 година. Прогласена е за една од десетте најдобри личности од Филаделфија, од страна на „Philadelphia Magazine“ во 2012, покрај признанието „Outstanding Alumni of West Philadelphia High School“, матичната гимназија на Браун. Нејзиното наследство е документирано во публикацијата од 2011 година на танцовиот критичар и автор на повеќе книги посветени на танцот, Бренда Диксон Готшилд (Brenda Dixon Gottschild), со оригинален наслов „Јoan Myers Brown & the Audacious Hope of the Black Ballerina: A Biohistory of American Performance (Palgrave)“.
Неоспорниот статус Џоан Мајерс Браун како лидер во националните и меѓународните уметнички заедници беше признаен во 2012, кога беше избрана за добитник на Националниот медал за уметност, највисоката граѓанска чест за извонредни достигнувања во уметноста. Тогашниот претседател на САД, Барак Обама, ѝ ја додели оваа почесна награда на официјална церемонија во Белата Куќа, во јули 2013, за издвојување и овозможување на „уметнички рај за афроамериканските танчери и кореографи, каде тие можат да бидат иновативни, креативни и да ги споделат своите уникатни визии со националните и глобалните танчерски заедници“. Неодамна Браун се стекна и со награда како „една од американските незаменливи танчерски богатства“, доделена од „Dance Heritage Coalition“.