🎥 ЛЕГЕНДАРНИОТ ФРОНТМЕН НА „ДИП ПАРПЛ“ И „ВАЈТСНЕЈК“ СЕ ПЕНЗИОНИРА Дејвид Ковердејл ја напушти музичката сцена на 74-годишна возраст
Навистина е време да уживам во моето пензионирање и се надевам дека ќе можете да го цените тоа. Уште еднаш, ве сакам од сè срце. Збогум - рече британскиот рокер.
Дејвид Ковердејл, легендарниот фронтмен на „Дип парпл“, а подоцна и на „Вајтснејк“ го објави своето пензионирање од музичката сцена на 74-годишна возраст. По повеќе од половина век кариера, рок-иконата се збогува со обожавателите со емотивна порака.
Во видео објавено на Јутјуб во четврток, кое содржи монтажа од сценски спомени и ремикс на песната „Forevermore“, Ковердејл ја објасни својата одлука.
– Во текот на последните неколку години, ми стана многу јасно дека е навистина време да ги закачам моите рокенрол чевли со високи потпетици и моите тесни фармерки. Сакам да им се заблагодарам на сите што ми помогнаа и ме поддржаа на ова неверојатно патување: сите музичари, екипата, обожавателите, моето семејство. Неверојатно е. Но, навистина е време да уживам во моето пензионирање и се надевам дека ќе можете да го цените тоа. Уште еднаш, ве сакам од сè срце. Збогум – рече британскиот рокер.
Во двете видеа се појавува актерката Џули Тони Китен, која стана негова втора сопруга во 1989 година. Двојката се разведе две години подоцна. Китен почина во 2021 година на 59-годишна возраст од срцеви проблеми.
Ковердејл го основа „Вајтснејк“ откако беше водечки вокал на легендарниот рок-состав Дип парпл од 1973 до 1976 година. Иако бендот постигна успех во Велика Британија и во Европа, нивниот пробив на американскиот пазар се случи во 1987 година со два мега хита – баладата Is This Love, која достигна второ место на ранг-листата на Билборд 100, и рок химната Here I Go Again, која достигна прво место.
Најпознати песни со кои Ковердејл се прослави како вокалист на „Дип парпл“ беа незаборавните “Burn,” “Mistreated,” “Stormbringer,” “Soldier of Fortune,” “You Keep On Moving”.