Лефков: Заев остана уште данок во крв да воведе

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ смета дека, владата преку тендери го испразнила буџетот, а сега народот преку даноци ќе треба да ги крпи дупките.

229

 

Заев удира по народот, затоа што тој и неговите министри го испразнија буџетот и ја задолжија државата за дополнителни 2.4 милијарди евра. Сега со новата давачка Заев планира директно од џебот на народот на годишно ниво да собира нови 54 милиони евра, изјави денеска на прес-конференција пратеникот Миле Лефков.






Тој реагираше на најавата за воведување еко такса за нафта и нафтени деривати со што горивата ќе поскапат за 4,13 денари по литар.

– Ова е второ зголемување од 4 денари, Заев претходно ја зголеми акцизата за исто толку. Во овие 4 години заради Заев плаќаме 14 денари поскапи горива. Имено за 1,2 денари е зголемена големопродажната маржа. За 1,4 денари е зголемена малопродажната маржа. За 0,25 денари се зголемени транспортни трошоци. За 3,00 денари е зголемена акцизата. За 0,54 денари е зголемено ДДВ. За 3,00 денари е зголемена акцизата по втор пат. За 0,54 денари е зголемено ДДВ исто така по втор пат во 4 години, поради зголемената основица. Плус на сето тоа новата такса од 3,5 денари за еколошка такса и 0,56 денари за ДДВ на новата цена, заради еколошката такса. Се на се вкупно 14,06 денари поголеми давачки за секој литар гориво. Ова се пари кои ги даваме на владата на Заев, ова се пари кои ги плаќаме независно од светската цена на нафтата. Останува уште данок во крв да воведе Заев, бидејќи нема друга давачка која не ја имплементира изминативе 4 години – рече Лефков.

Лефков смета дека, владата преку тендери го испразнила буџетот, а сега народот преку даноци ќе треба да ги крпи дупките.

– Штетата од зголемувањето на цената на горивата ќе имаат пред сѐ земјоделците и транспортерите, но и сите индустриски гранки.Ваквото зголемување на цената на горивата ќе значи и ценовен шок и можен удар врз цената на сите производи и услуги кај кои во голема мера креирањето на крајната цена зависи од горивата. Бараме Заев наместо да ги зголемува цените на горивата да запре со овие штетни политики. Во овие кризни времиња кога на економијата и треба помош потребно е намалување, а не зголемување – рече Лефков.

 

Поврзани содржини