ЛЕБОТ ПОСКАПЕ ЗА 10 ОТСТО Одмрзнувањето на цените ги поскапи и другите производи
Од денеска на сила е мерката за замрзнување на маржите на 5 отсто за трговците на големо и 10 отсто во трговијата на мало
Лебот поскапе за околу 10 отсто. Утрово веднаш по симнувањето на мерката за ограничување на прехранбените производи лебот од сите производители поскапе за 10 отсто.
Нови цени осамнаа и на другите производи кои изминатите 3 месеци беа замрзнати со владината одлука.
Од денеска на сила е мерката за замрзнување на маржите на 5 отсто за трговците на големо и 10 отсто во трговијата на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.
Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици.
Денеска престанува да важи претходната одлука на Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени производи што беше донесена на 5 декември минатата година. Тогаш цените на основните прехранбени производи беа замрзнати со цената што ја имале на 1 декември 2021 година. Првично беа замрзнати цените на лебот, шеќерот, брашно – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата. Потоа одлуката беше проширена и за оризот, јајцата и тестенините.