🎥 ЛЕЈДИ ГАГА МУ СЕ ПРИДРУЖИ НА БЕД БАНИ НА ПОЛУВРЕМЕТО НА СУПЕРБОУЛ Порториканскиот пејач порача – Сите заедно, ние сме Америка
Бед Бани ги воодушеви обожавателите настапувајќи како главна ѕвезда на полувремето на Супербоул во неделата, а особено со неочекуваната поддршка и заедничкиот настап со Лејди Гага и Педро Паскал.
Лејди Гага неочекувано се појави заедно со 31-годишниот порторикански изведувач Бенито Антонио Мартинез Окасио, познат како Бед Бани, на полувремето на најзначајниот и најголемиот спортски настан во Америка, Супербоул 2026-та.
Тие настапија на стадионот Левис во Санта Клара, Калифорнија, каде што Сиетл Сихокс ги победија Њу Ингланд Патриотс со 29-13, што беше само втората победа на Супербоул за Сихокс.
Гага беше облечена во прекрасен син фустан без ракави со длабоко деколте и здолниште со повеќе слоеви и ја изведе „Die With A Smile“, но во преуредена верзија во стилот на салса.
Рики Мартин, исто така, се придружи на шоуто подоцна за да ја изведе „Lo que le pasó a Hawaii“.
Но, ѕвезда на вечерта и главен изведувач беше Бед Бани кој за време на својот настап користеше посебна фудбалска топка со зборовите „Заедно сме Америка“, изговори „Бог да ја благослови Америка“ и ги наведе земјите од Северна и Јужна Америка.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, очекувано, го критикуваше шоуто, нарекувајќи го „шлаканица во лицето“ за земјата.
На платформата за социјални медиуми „TruthSocial“, тој изјави дека настапот бил „ужасен и бесмислен“.