ЛДП СИ ГО ПРЕДЛАГА ЛИДЕРОТ Ќе ја прифати ли Горан Милевски кандидатурата за градоначалник на Битола?
Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, е предложен за кандидат на Движењето „Одлучно за промени“, но тој, официјално, сè уште не го прифатил предлогот.
Членовите на Либерално-демократската партија (ЛДП) синоќа го предложиле својот лидер Горан Милевски за кандидат за градоначалник на Битола, соопшти партијата на Фејсбук.
Како што е наведено во соопштението, Горан Милевски е предложен за кандидат на Движењето „Одлучно за промени“, но тој, официјално, сè уште не го прифатил предлогот.
„Членовите на ЛДП акламативно го предложија претседателот Горан Милевски да биде кандидат за градоначалник на Битола. Општинскиот одбор очекува Горан Милевски да ја прифати кандидатурата, која е барање не само на членовите, туку и на граѓани и на бројни поддржувачи на актуелната власт кои сакаат во оваа трка за градоначалник да се вклучи и тој. Усвоена беше и листата на советници на Движењето ’Одлучно за промени‘, која на овие избори ќе ја предводи Валентин Груевски, досегашен претседател на Советот на Општина Битола. На листата се наоѓаат истакнати членови на ЛДП и ДОМ, како и бројни јавни личности од граѓанскиот сектор, културата, спортот. Листата ќе го отсликува и мултиетничкиот карактер на Битола“, наведено е во соопштението на ЛДП.