ЛДП ЌЕ БИДЕ ДЕЛ ОД „ПРОЕВРОПСКА“ КОАЛИЦИЈА Ќе поддржи и техничка влада
Веднаш да се избере член на ДИК, со цел да не се создаде ниту една причина која би можела да остави дамка врз изборниот процес – апелира ЛДП.
На следните избори Либерално-демократската партија (ЛДП) ќе настапи како дел од коалиција која ќе се залага за брза интеграција на Македонија во Европската унија, за што Централниот одбор на партијата ја овласти претседателката на ЛДП Моника Зајкова да ги води преговорите за идно коалицирање.
– За Македонија не постои друг пат освен приклучување кон европското семејство. За доброто на државата и на граѓаните одлучивме да се приклучиме на коалицијата со која имаме исти определби во однос на евроинтеграциите. Континуирано дејствуваме во насока на брза интеграција на Македонија во ЕУ, па и оваа одлука – за приклучување кон коалиција со која имаме слични програмски определби, е донесена врз основа на идеалите кои ги негуваме – изјави Зајкова на денешната прес конференција.
ЛДП ќе даде поддршка за формирање на техничка влада, за која ќе гласаат и во која ќе учествуваат припадници на опозицијата.
– Апелираме да се почитуваат законските прописи и веднаш да се избере член на Државната изборна комисија (ДИК), со цел да не создаде ниту една причина која би можела да остави дамка врз изборниот процес – истакнаа од ЦО на ЛДП.