Лажно обвинета дека го донела коронавирусот во Кина, оттогаш поминува низ кошмар

613

Матје Бенаси, резервист на американската армија и мајка на две деца, стана мета на теоретичари на заговор кои лажно ја наместија на почетокот на пандемијата на коронавирусот, велејќи дека таа ја донела болеста во Кина, пишува Си-ен-ен.

Матје, која теоретичарите на заговор неосновано ја обвинуваат дека го „донела“ коронавирусот во Кина, вели дека станала жртва на „сајбер-малтретирање“.






Лажните тврдења секојдневно се објавуваат на Јутјуб. Иако Матје никогаш не била позитивна на коронавирусот, ниту имала симптоми, таа и нејзиниот сопруг сега се предмет на дискусија на кинескиот социјален медиум за избувнувањето, вклучително меѓу профилите кои се познати двигатели на координирани активности од големи размери од нивните следбеници. Матје Бенаси на мета на теоритичарите на заговор се нашла во март, месеци откако во Кина беше пријавен првиот случај на новиот коронавирус.

Теоријата дека таа го „донела“ вирусот во Кина почнала да се шири поради тоа што учествувала на Светските воени игри во Вухан, во октомври минатата година. Бенаси учествувала во велосипедска трка, во текот на која доживеала несреќа и завршила со скршено ребро и потрес на мозокот.

Иако на игрите учествувале стотици спортисти од американската војска, токму Матје Бенаси била избрана за централна фигура на теоријата на заговор. Тие обвиненија им го превртеле животот нејзе на нејзиниот сопруг Мет.

Тие велат дека нивната домашна адреса е објавена на интернет, а дека нивните профили на социјалните мрежи биле преплавени со пораки од оние кои веруваат во теориите на заговор пред да ги деактивираат налозите на социјалните мрежи.

– Тоа е како да се разбудиш од лош сон и ден по ден да минуваш низ кошмар – рекла Бенасиво интервјуто за Си-ен-ен. Иако социјалните мрежи преземале чекори против ширењето на дезинформациите за коронавирусот на своите платформи, тоа не му помогнало многу на брачниот пар Бенаси.

Се обиделе да издејствуваат за отстранување на таквата содржина од Јутјуб и да го спречат нејзиното понатамошно ширење, но адвокатите и полицијата им рекле дека малку од тоа може да биде направено.

– Сакам луѓето да престанат да ме вознемируваат. Тоа е сајбер-малтретирање и излезе од контрола – рекла Матје Бенаси.

Матје и нејзиниот сопруг Мет сè уште се активни во работата на Владата.

FOTO: Heather Fulbright / CNN/Twitter

Поврзани содржини