ЛАЖНО ИЗДАВАЛА СТАНОВИ ШТО НЕ ПОСТОЈАТ Уапсена 23-годишна скопјанка, расчистени 12 измами

Со ист начин на дејствување осомничената измамила или се обидела да измами граѓани во неколку градови низ Македонија, а дел од жртвите останале без пари.

1,259

Министерството за внатрешни работи расчисти вкупно 12 случаи на измами поврзани со лажно издавање станови под кирија, при што од слобода е лишена 23-годишна жителка на Скопје.

Станува збор за А.Ј., која, според полицијата, со ист начин на дејствување оштетила или се обидела да измами повеќе лица во неколку градови низ државата. По нејзиното приведување, криминалистичката полиција успеала да расветли уште осум дополнителни случаи на измама.






Измамите биле извршени на подрачјето на Куманово и Штип – по еден случај, како и по три случаи во Струмица и Велес, а сите биле поврзани со наводно издавање станови под наем.

Осомничената била приведена на 7 јануари во Скопје, по претходна пријава од жител на Тетово, кој пријавил дека таа се обидела да го измами нудејќи му стан под кирија што всушност не постоел.

По завршување на полициската постапка и преземените мерки, А.Ј., врз основа на претходно донесено решение, е спроведена во Казнено-поправната установа „Идризово“, каде ќе издржува затворска казна од шест месеци.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите, против неа ќе бидат поднесени соодветни пријави за вкупно седум кривични дела „измама“, едно кривично дело „измама“ во обид, како и четири кривични дела „измама“ по приватна тужба.

Полицијата апелира до граѓаните да бидат внимателни при изнајмување недвижности и да не уплаќаат пари без претходна проверка на сопственоста и идентитетот на лицето кое нуди стан под кирија.

Поврзани содржини