Лажни пророци

Македонија не е „полна со празни луѓе“ туку е преполна со болни умови и ќорави пророци кои шират омраза, страв, катастрофични сценарија…, посакувајќи навистина државата да продолжи „да тоне и тоне“, со нескриена надеж дека можеби и нема „да преживее“. Но, колку подолу може да потоне од оние криминални длабочини во коишто ја втурнаа газдите на овие „пророци“, кои дури и најбезобразно сугерираат дека стравот за идентитетот е беспредметен, дека власта само го „плаши“ народот со Бугарите?

355

Не знам каде беа овие луѓе до неодамна, некаде до 2024 година, а во извесни периоди и порано, каде се криеjа или навистина немаа што да кажат запрепастени и замолчени од најкоруптивниот „систем“ во Европа во периодот 2017-2024 година, гледаа ли што се случуваше во „државава“ во тоа време или дури сега им се отворија пророчките очи? А едновремено, од каде никнаа толку лоши, зли луѓе со таква Нострадамовска „дарба“ што предвидува смрт на државата, пропаст, апокалипса… само кога на власт е една партија/коалиција, а рај и благосостојба кога другите, нивните, го држат кормилото на власта? Или ние сме всушност лошите зашто не можеме тоа да го видиме? Така тие мислат. Поточно – сакаат да ја убедат јавноста во тоа.

Но сеедно, дали навистина во една држава, па нека е и Македонија, може да има такви и толкави катастрофални трансформации за толку кратко време или некој овде континуирано подметнува лажни приказни, прогласува голи арогантни „цареви“, шири бајки во кои не веруваат веќе ни малите деца, секој божји ден нѐ убедува дека државата „се наоѓа во екстремно лоша состојба“, па дури и дека си ја упропастуваме „својата иднина поради лажното минато“! И кое е тоа наше „лажно минато“ што овие „пророци“ подобро го знаат од нас? Какви тоа „слаби докази“ имаме ние за нашето минато, култура, идентитет…, а коишто овие „Ванѓи“ ги согледале со нивното слепо трето око? И во каков „сојуз“ сме ние тоа со Србија, па со Унгарија, па со Кина…?






Македонија не е „полна со празни луѓе“ туку е преполна со болни умови и ќорави пророци кои шират омраза, страв, катастрофични сценарија…, посакувајќи навистина државата да продолжи „да тоне и тоне“, со нескриена надеж дека можеби и нема „да преживее“. Но, колку подолу може да потоне од оние криминални длабочини во коишто ја втурнаа газдите на овие „пророци“, кои дури и најбезобразно сугерираат дека стравот за идентитетот е беспредметен, дека власта само го „плаши“ народот со Бугарите? Ако потрезвено ги одмериме ваквите „пророштва“, тие дури изгледаат и реално: ваквите „пророци“ се поголема опасност по државата од сите надворешни закани! Зашто кога внатре имате таква празноглавост, таков цинизам и лицемерие, лажоманство и простотилак, кога секогаш и дома се наоѓаат спонзори за таквите црнила што треба да ја потресуваат јавноста, тогаш сериозно треба да се замислиме.

Но не поради тоа што таа внатрешна опструкција е со силен замав и релативно широк опфат, не дека таквите „пророштва“ можат да всадат црв на сомнеж на којшто се надеваат, туку, прво, поради фактот што се тука, но не како некаква политичка противтежа, слободомислечка линија или рационална обмисленост, туку како црна намера, непријателска мисла, нескриен клиентелизам и грда акција во полза на најкриминалните структури во државата што нѐ тормозеа цели седум години. И второ, тоа е отворено негирање, подбив и потсмев со волјата на мнозинството граѓани, навреда на нивните лични и колективни чувства и, во одредени случаи, идентитет, историја, култура и др. Во што не недостасуваат и вулгарни навреди, обвинувања за малоумност и слично, зашто само таков народ може да биде заплашуван со некакви Бугари, идентитетски игри, лажно минато… итн.

И како се наближуваат локалните избори, оваа саботерска групација лажни пророци додава гас, ги шират елементите на омразата и опфатот на црните сценарија. Сега дури започнаа да нѐ подучуваат и како да ги препознаваме лагите на актуелните политичари. Па зошто молчеа цели седум години, а некои и триесет или дури педесет, туку баш денес звукот на лагите им допира од задникот до главата? Како е можно да не ја препознаа онаа лага на пазарџијана со раката на срцето и колнењето дека светото име на неговите претци нема да го промени? Или како не успеаја да ги прочитаат тројцана лажговци во авионот од Брисел кон Скопје со палците нагоре за тобожното добивање датум за преговори? И тоа не еднаш туку дури трипати? А не видоа ни како во миг му расте носот на оној Пинокио кој глумеше претседател на држава кога отворено, пред камери, лажеше што ќе му се случи на тој што ќе посегне по името на државата? Па токму тие и слични „чуда“ беа ветувани не само во името на (дел од) народот, туку особено во име на прогресот, иднината, демократијата… И? Што остана од сите тие „прогресивни“ кули од лаги? Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и пријателство! И да, останаа празни оние седум-осум буџети прелеани на сметките на еден грст криминалци кои дури и денес овие „пророци“ сакаат да ни ги подметнат како политичари, демократи, родољуби.

И немаат ли навистина што да кажат за негативниот ревизорски извештај за работата на МНР во времето на „хирургот“ и оние над 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) „потрошени за организација на ОБСЕ самитот во Скопје без соодветна документација, без евиденција за испорачаните стоки и услуги и без трајна опрема која требаше да остане во државна сопственост“? Па барем тоа беше речиси вчера! Или тоа беше „држава“ по нивна мерка?

Здивени во сопствената омраза, непријателство и непочитување на другиот – зашто тие се во самиот бит на нивните секојдневни „пророштва“ – и спобудалени од мислата дека долго време, заедно со нивните стопани, ќе останат на маргините на политиката и парите, овие мајстори на лагата буквално секојдневно плетат нови злонамерни мрежи обвинувајќи дека токму власта посакува хаос и „распарчување“ на локалните избори (иако на челото на ДИК е нивни претставник), дека власта веќе изгубила 120.000 гласови (иако нивната секта спадна на 18.000 гласачи!) итн. И такви мрежи за лов на лековерни допрва ќе се плетат, ќе се свири на „тенките жици“ на меѓуетничките односи и трагедијата во Кочани, нивните кандидати, како онаа за градоначалник на Скопје, ќе ветува брда и долини за градот иако преспаа цели седум години и не мрднаа ни со прст за него, ќе обвинуваат за пожари божем во нивно време ги не милуваше само прогресивно развигорче итн.

Ужасно е да се живее со такви лаги, секојдневно да се подметнува нов и нов материјал со којшто ќе се оцрнува сопствената држава само поради фактот што нивните покажаа таква неспособност, неукост и некапацитетност, поради што подолго време ќе останат на политичките маргини. Но уште постраотен е фактот дека овие лажни пророци кои сакаат себеси да се гледаат и како големи демократи едноставно не поднесуваат друго мислење и политичка различност. Тоа не е резултат на некаков идеолошки набој и/или спротивставеност на концепти туку е тежок примитивизам и провинцијализам, недостиг на општа и демократска култура и, во крајна линија, демонстрација на срамна омраза кон мнозинството од сопствениот народ.

И точно е, „дефинитивно нешто многу сериозно фали кај нас“, но тоа не се некакви „големи лаги за човечки идентитети, за национална гордост“ туку огромен недостиг на култура, домашно воспитување, демократичност, почит кон граѓанинот но и кон државата без оглед кој е на власт! Ако пак некој навистина рекол дека државата „не може да ги оствари своите најголеми приоритети и интереси (…) бидејќи тоа не го дозволуваат предавниците и криминалците од мафијата на политичките противници“, не рекол ништо неточно. Лажните пророци тоа секојдневно го потврдуваат!

Извор: Теодосиевски уметност 

 

Поврзани содржини