Лажна „Пошта“ доделува Ајфон за 65 денари – целта е да се украдат пари од измамените
Од „Пошта“ за Плусинфо изјавија дека моментално не организираат никаква наградна игра. Измамата ја откриле пред 10 дена и ги презеле сите мерки за заштита на граѓаните.
Лажна промоција со домеин „Македонска пошата Мк.“ на која се нуди мобилен телефон Ајфон 12 за 65 денари деновиве се споделува на Фејсбук. Граѓаните кои се обиделе да го добијат „ајфонот“ велат дека се бараат лични податоци и податоци од сметка во банка, но наградата сигурно не ја добиваат.
Од АД „Пошта на Северна Македонија“ велат дека пред десетина дена ја откриле измамата и за тоа веднаш ја информирале соодветната служба во Министерството за врнатрешни работи, а на веб-страната на компанијата објавиле соопштение во кое се објаснува дека ваквата наградна игра не е организиарана од Пошта.
Граѓаните се сомневаат дека на ваков начин и со старото лого на „Македонска пошта“ некој се обидува да ги дознае нивните информации и да извлече пари од нив без притоа да го добијат примамливиот мобилен телефон.
– Неколку пати ми го споделија на Фејсбук како реклама. Секогаш пишуваше „само денеска по цена од 65 денари“. Без да размислувам отворив, но кога видов дека се бараат лични податоци па број на сметка и слично, се вратив на почетната страна и видов дека организатор е „Македонска пошта мк.“ и си помислив дека можеби е лажна игра зашто логото на „Пошта на Северна Македонија“ веќе не е тоа. Се откажав и мислам дека направив добро зашто некој со лаги сака да извлече пари од тие како мене кои лесно се фаќаат на реклами на кои се нуди нешто убаво, а евтино – вели скопјанка.
Од „Пошта“ за Плусинфо изјавија дека моментално не организираат никаква наградна игра. Измамата ја откриле пред 10 дена и ги презеле сите мерки за заштита на граѓаните.
– А.Д. Пошта на Северна Македонија во моментов не организира никакви наградни игри, ниту побарува било какви лични податоци од граѓаните на социјалните мрежи. Апелираме граѓаните кои добиле ваква понуда да го пријават секој ваков неовластен обид за злоупотреба до нас или директно до Министерството за внатрешни работи – велат од Пошта.
Оттаму додаваат дека од неодамна А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ ја отвори својата прва официјална страница на социјалната мрежа Фејсбук.
– Таа е единствена официјална страна на Пошта. Секое друго претставување и застапување во име на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ на социјалните мрежи претставува класична злоупотреба и предмет на кривична и друга законска одговорност. Сите вакви случаи кои стигнуваат до нас веќе се документираат и се доставуваат до МВР на понатамошно постапување – велат од Пошта.
Одделот за компјутерски криминал при МВР веќе работи на пријавата за лажната реклама.
– Имаме пријава за злоупотреба на име за наградна игра од АД „Пошта на Северна Македонија“ и се работи на неа. Информиран е и ајвен обвинител. По откривањето на тоа кој стои зад тоа ќе биде поднесена соодветна пријава – велат од МВР.
Познавачи на рекламирањето велат дека многу лесно на Фејсбук може да се постави реклама, а дури и бесплатно или за 99 денари годишно може да се направи домеин со какво сакаш лого, па можеби и оној кој стои зад „Македонска пошта мк“ е таков.