ЛАЖЕН ЛЕКАР Ѝ ЗЕЛ 700.000 ДЕНАРИ НА ПОСТАРА ШТИПЈАНКА Ја убедил дека ќе ја оперира нејзината сестра
Лицето побарало пари за наводниот зафат, а жената, верувајќи во приказната, во неколку наврати ги однела парите на претходно договорено место.
Седумдесет и седумгодишна жена од Штип пријавила во полиција дека била жртва на тешка измама, откако лице што се претставило како лекар ѝ зело 700.000 денари под изговор дека се потребни за итна операција.
Како што информираат од СВР Штип, пријавата била поднесена на 7 јануари 2026 година во 16:30 часот. Според кажаното од оштетената, во текот на денот ѝ се јавило лице кое се претставило како доктор и ѝ соопштило дека нејзината сестра се наоѓа во болница со скршеница на ногата и дека е неопходна операција со вградување шипки.
Лицето побарало пари за наводниот зафат, а жената, верувајќи во приказната, во неколку наврати ги однела парите на претходно договорено место.
Измамата била откриена дури подоцна, кога во домот на жената дошла нејзината внука и заедно ја контактирале сестрата, при што станало јасно дека таа воопшто не била во болница и дека станува збор за измама.
Од полицијата велат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.