ЛАЖЕН ЛЕКАР Ѝ ЗЕЛ 300.000 ДЕНАРИ Дојранчанец измамил 81-годишна жена
Кавадарчанка пријавила дека едно лице ја контактирало телефонски, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка е во болница со скршеница и треба да се изврши оперативен зафат за што треба да плати.
Лишен од слобода е измамник од Дојран, кој измамил повозрасна кавадарчанка за сума од 300.000 денари, соопшти полицијата.
На 06.03.2026 во 09:35 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода А.Т.(45) од Дојран. Тој се сомничи дека учествувал во извршување на кривично дело „измама“, при што била оштетена 81-годишна кавадарчанка за сума од 300.000 денари.
Според полицијата, на 05.03.2026, 81-годишната кавадарчанка пријавила дека едно лице ја контактирало телефонски, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка е во болница со скршеница и треба да се изврши оперативен зафат за што треба да плати. Откако се договориле, излегла пред својот дом и парите му ги дала на машко лице, а подоцна сфатила дека е измамена.
Во службен разговор, А.Т. го признал делото. За настанот бил известен јавен обвинител. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.