ЛАЖЕН ЛЕКАР ОД МАКЕДОНИЈА УАПСЕН ВО ХРВАТСКА Измамил постари лица за повеќе од 80.000 евра

24-годишен државјанин на Македонија заврши зад решетки во Загреб, откако под лажно име убедувал стари лица дека нивните најблиски се во болница и барал пари за „итни операции“.

265

Полицијата во Загреб уапси 24-годишен Македонец, кој се претставувал како лажен лекар и со серија измами ограбил постари лица низ цела Хрватска, прибирајќи околу 81.270 евра во пари и злато.

Според Полициската управа во Загреб, младиот измамник, со помош на уште две лица, маж и жена кои сè уште се во бегство, со месеци ги таргетирал постарите граѓани во Загреб, Осиек, Вуковар и Вараждин.






Нивниот метод бил добро испланиран. Преку телефонски повици од романски број, осомничениот се претставувал како лекар и им кажувал на жртвите дека некој од нивните најблиски доживеал тешка сообраќајна несреќа. За да ја направи приказната поубедлива, им објаснувал дека е потребна итна и скапа операција, барајќи пари или злато „за спас на живот“.

Плашејќи се за своите блиски, измамените лица се согласувале и ги предавале парите пред своите домови, на улица или во близина на зградите. Таму ги чекал токму лажниот доктор, кој ја земал парите и веднаш исчезнувал.

По детална полициска истрага, осомничениот бил уапсен и предаден на надзорникот за притвор при Полициската управа во Загреб. Против него е поднесен кривичен извештај до Општинското државно обвинителство во Загреб за осум кривични дела измама, од кои едно е обид.

Хрватската полиција испрати јасна порака до граѓаните.

– Ако добиете телефонски повик од непознато лице што се претставува како лекар и бара пари, веднаш прекинете го повикот и пријавете го случајот во полиција – порачаа од полицијата, апелирајќи за зголемена претпазливост, особено кај постарите лица.

Поврзани содржини