ЛАЖЕН ФЕЈСБУК ПРОФИЛ НА ВЕНКО ФИЛИПЧЕ ГИ ЗБУНИ ГРАЃАНИТЕ Измамници нудат американско здравствено осигурување, ваше е да им испратите податоци
Разликата помеѓу официјалниот профил на претседателот на СДСМ и лажниот може да се препознае најлесно преку синиот беџ за верификација којшто постои само на официјалниот профил на д-р Венко Филипче, информираше СДСМ.
Лажен Фејсбук профил со името и презимето на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска направи збрка на социјалните мрежи откако во името на политичарот почнаа да се шират повизи за „приватно здравствено осигурување во соработка со американски лекари“.
Ова денеска го соопшти СДСМ, повикувајќи ги граѓаните да не наседнуваат на вакви измами.
„Ве известуваме дека е креиран лажен профил на Фејсбук со злоупотреба на името, податоци и фотографии на претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Од истиот лажен профил се шират несоодветни и лажни содржини, повици за членски книшки, повици за измислено здравствено осигурување а граѓаните се насочуваат на приватни пораки. Ги повикуваме граѓаните и членовите да не наседнуваат и да не споделуваат никакви лични податоци кои можат да им бидат злоупотребени од страна на измамниците кои го креирале. Разликата помеѓу официјалниот профил на претседателот на СДСМ и лажниот може да се препознае најлесно преку синиот беџ за верификација којшто постои само на официјалниот профил на д-р Венко Филипче. Лажниот профил е веќе пријавен и очекуваме брза реакција за негово бришење“, информираше СДСМ.