Ласовска: Наместо да делите ваучери за компјутери, со картички за туризам ширевте зараза од ковид-19
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде воздржана на гласањето за измените во Закон за основното образование затоа што не биле прифатени нивните амандмани, а кои се однесуваат на набавката на компјутери и интернет во училиштата, ниту пак бил прифатен нивниот предлог на денешната седница парламенот да расправа и за состојбата во образованието и почетокот на учебната година со задоцнување од еден месец.
Пратениците на денешната собраниска седница расправаат за предлог-законите за изменување и дополнување на законите за основно и средно образование, по скратена постапка, а кои се потребни за безбедно и непречено одвивање на воспитно-образовниот процес во услови на пандемија од ковид-19.
– Ние како опозиција поднесовме само два амандмани и покажавме висока свесност за состојбата, покажевме конструктивност, но тие не беа прифатени. Во една ваква состојба не може да има визансиски игри кога секое семејство е засегнато за тоа што се случува во образованието. ВМРО- ДПМНЕ побара владата да обезеди комјутери и интернет во основните училишта, но ова не беше прифатено. Освен поради ова, ние ќе гласаме воздржано и поради тоа што не прифативте да расправаме за состојбата во образованието и зошто не сте спремни за почеток на учебната година после шест месеци, зошто сме последни во регионот во однос на почетокот на школската година – рече Благица Ласовска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа забележа дека власта наместо да дели ваучери за компјутери, летоска делеше ваучери за туризам а со тоа се влијаело на влошување на состојбата со пандемијата од ковид-19.
Измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование предвидуваат учебната година, во услови на вонредни околности, да може да започне и да заврши во различно време, за што треба да одлучи владата. За времетраењето на часот и за максималната бројка на ученици во паралелките во основното и во средното образование исто така ќе одлучува владата.
Во услови на вонредни околности се предвидува и училиштата да организираат воннаставни активности за учениците.
Кога наставата во основното училиште е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно здравствените протоколи за соодветниот вид на училиште. Во средните училишта ќе може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.