Лаптопи во Македонија нема ни за лек, освен од оние најскапите!

Компјутерот на ќерка ми се расипа неколку дена пред одложениот почеток на учебната година. Токму затоа, решивме да купиме нов затоа што ќе ѝ биде неопходен за учење. Но, лаптоп немаше никаде - вели еден родител.

2,041

Ако сега сте наумиле да купите лаптоп, подобро е да се откажете од намерата, барем привремено. Во продавниците нема лаптопи ни за лек. Освен од оние најскапите, кои чинат повеќе од 40.000 денари.

Пред почетокот на новата учебна година, како и потоа, родителите и наставниците се обидуваа да дојдат до компјутер или до лаптоп, со цел да можат непречено да ја следат и da ja спроведуваат онлајн наставата. Сепак, не сите имаа среќа да дојдат до нов уред по пристапна цена, а во продавниците се останати само оние кои чинат над 40.000 денари.






– Компјутерот на ќерка ми се расипа неколку дена пред одложениот почеток на учебната година. Токму затоа, решивме да купиме нов, затоа што ќе ѝ биде неопходен за учење. Но, лаптоп немаше никаде. Во секоја можна продавница за бела техника прашавме, а компјутер со пристапна цена немаше на лагер. Сета среќа што познавам еден човек што соработува со една компанија за продажба на компјутери, па тој успеа некако да ни резервира лаптоп. Така што, слободно можам да кажам дека дојде време и лаптоп со врски да купуваме – вели Дарко М. од скопската општина Ѓорче Петров.

Но, покрај родителите, со овој проблем се соочуваат и наставниците и професорите кои треба да ја одржуваат онлајн наставата. На голема мака се наставниците и професорите кои во домот имаат само еден лаптоп, а исто така имаат деца кои треба да ја следат наставата преку тој уред.

– Ни беше речено дека училиштето ќе ни обезбеди лаптоп за да можеме да држиме настава, но тоа не се случи. Сега морам да го користам приватниот лаптоп, а истиот му е потребен и на мојот деветгодишен син, кој исто така треба да ја следи наставата онлајн. Баравме да купиме, но не можевме никаде да најдеме, сите што беа останати се над 40.000 денари, а оние со пристапна цена и солидна конфигурација веќе одамна се продадени – ни изјави Марија К., професорка во едно скопско средно училиште.

За овој проблем пред извесно време реагираше и Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) дека со проблеми за онлајн-настава се соочуваат и голем број наставници што немаат компјутери и дека според Законот за работни односи работодавецот е должен да обезбеди средства за работа.

– До нашиот синдикат деновиве стигнуваат бројни поплаки од наставници за притисоци што им се вршат од страна на нивните надредени, директори на училиштата, да си обезбедат компјутери за да реализираат настава. Ако се има предвид дека наставникот е во исто време и родител на едно, две или повеќе деца, разбирливо е колкава е тежината на пресијата врз тие работници во образованието. Дел од колегите се соочуваат и со двојно зголемен работен учинок, односно двојно им се зголемени бројот на наставни часови, што е спротивно на законот за наставници и тие работат по повеќе од осум часа во денот – беше наведено во соопштението од НСОН.

Контактиравме со неколку продавници за бела техника во кои се продаваат лаптопи, како и специјализираните продавници за компјутерска опрема и речиси секаде го одбивме истиот одговор, дека останати се само поскапите модели на лаптопи.

– Најбарани пред почетокот на учебната година беа лаптопите со i3 процесор и 4GB РАМ-меморија, кои многу бргу се распродадоа. Лаптоп компјутери со овие карактеристики скоро и да не можете да најдете во земјава. Сите ги бараат за учениците и платформата. Има поевтини компјутери, но тие нема да ви завршат работа – ни изјави продавач во една од продавниците за бела техника.

Министерството за образование и наука пред стартот на учебната година на 1 октомври, сподели информација дека околу 40.000 ученици немаат соодветен ИТ-уред да ја следат наставата онлајн, па поради тоа за нив ќе биде часовите ќе може да ги следат на Македонската радио-телевизија, на која секој ден ќе бидат прикажувани 15-минутни сегменти за секој наставен час. Часовите ќе почнуваат во 8.30 часот по утврден распоред за секое одделение, подготвен од Бирото за развој на образованието.

Поврзани содржини