ЛАНИ БИЛЕ СЛЕДЕНИ 259 КОМУНИКАЦИИ Собранието го усвои извештајот за работата на Оперативно-техничката агенција
Од вкупниот број, 182 комуникации биле активирани за потребите на Министерството за внатрешни работи, а 22 за Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Оперативно-техничката агенција во текот на 2025 година технички посредувала при активирање вкупно 259 комуникации за потребите на овластените органи, покажува годишниот извештај за работата на Агенцијата, кој беше усвоен од собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите.
Од вкупниот број, 182 комуникации биле активирани за потребите на Министерството за внатрешни работи, а 22 за Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во согласност со законот, во извештајот не се наведуваат податоците за мерките преземени за потребите на безбедноста и одбраната на државата.
Директорката на ОТА, Марија Јаническа, пред пратениците нагласи дека Оперативно-техничката агенција е институција со јасна стратешка улога, која обезбедува системот за следење на електронските комуникации да се одвива законито, технички сигурно и под строга институционална контрола.
Според неа, извештајот има двојна цел, а тоа е исполнување на законската обврска за отчетност пред законодавниот дом и испраќање јасна порака до јавноста дека системот функционира во рамките на правото и демократските вредности.
– Во време на засилени безбедносни предизвици и забрзана дигитална трансформација, заштитата на државата, кривичната правда и почитувањето на човековите слободи и права не се спротивставени вредности, туку заедно условени принципи врз кои се темели современото демократско и безбедно општество – порача Јаническа.
Директорката на ОТА истакна дека суштинска мисија на Агенцијата е одржување систем што гарантира дека секоја мерка за следење се спроведува исклучиво врз основа на закон и претходно издадена судска наредба.
- Нашата основна мисија е недвосмислена, воспоставување и одржување систем што гарантира дека секоја мерка се спроведува исклучиво врз основа на законот по претходно издадена судска нредба во строго контролирана безбедносна околина и со целосна заштита на интегритетот на податоците, постапката и техничките системи – потенцира таа.
Во текот на извештајниот период била спроведена и стручна контрола над работењето на сите релевантни телекомуникациски оператори во државата. По надзорите, биле изготвени посебни извештаи, доставени до операторите и надлежните институции, со укажувања за отстранување на утврдените недостатоци. Некои од операторите веќе почнале со преземање корективни мерки.
Финалниот буџет на ОТА за 2025 година изнесувал 204,4 милиони денари, а реализирани биле 85 милиони денари, што претставува реализација од 41,61 процент. Најголем дел од средствата биле наменети за стоки и услуги, односно за одржување и унапредување на техничката инфраструктура.
Во извештајот се нагласува дека Агенцијата во текот на годината била предмет на повеќеслоен институционален надзор, при што при редовната контрола од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации не биле утврдени неправилности.
Во заклучните согледувања се наведува дека системот за следење на комуникациите функционира во рамките на законската и институционалната рамка, но се укажува на потребата од натамошно унапредување на регулативата, зајакнување на меѓуинституционалната координација и обезбедување стручен кадар.