ЛАНИ 7.432 ЛИЦА ДОБИЛЕ ДИЈАБЕТЕС Алармантен е бројот на дијабетичари во Македонија

Во земјава минатата година 1.365 луѓе починале од дијабетес мелитус.

291

7.432 лица лани заболеле од дијабетес во Македонија. Новите бројки на Меѓународната федерација за дијабетес во светот откриваат алармантен раст на застапеноста на оваа болест – вкупно 537 милиони возрасни луѓе ширум светот живеат со дијабетес.

Овие бројки беа објавени денеска од Државниот завод за статистика во пресрет на Светскиот ден на дијабетесот, 14 Ноември.






Во земјава минатата година 1.365 луѓе починале од дијабетес мелитус.

Дијабетесот е значаен глобален предизвик за здравјето и благосостојбата на луѓето, семејствата и земјите. Владите мора да ги преточат зборовите во дела за да овозможат достапен и непрекинат пристап до грижа за дијабетесот за сите луѓе на кои им е потребна и да помогнат во спречување на состојбата кај луѓето со висок ризик. Се предвидува дека 643 милиони возрасни луѓе во светот ќе живеат со дијабетес до 2030 година. Речиси едно до две возрасни лица кои живеат со дијабетес не се дијагностицирани. Се проценува дека 6,7 милиони возрасни луѓе починале поради дијабетес или компликации од него во 2021 година.

– Kако земја и како подрачје со 11,2 проценти заболени, влегуваме во групата држави со висока преваленца на дијабетес. Тоа е повеќе од алармантен показател за една динамична прогресија на оваа здравствена состојба. Потребни се системи на континуирано следење на гликемијата и нивна достапност за поголем број пациенти – изјави денеска Димче Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија на Форумот за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот – 14-ти Ноември, насловен „Што не сторивме против дијабетесот?“, што денеска се одржа во Скопје.

Во рамки на настанот, Министерството за здравство и Сојузот на дијабетичари потпишаа Меморандум за соработка, а беа одбележани и јубилеите „Сто години инсулин“ и „20 години Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија“.

Велев истакна дека пред десетина години, не само кај нас, туку и во светот, речиси се урнати сите стереотипи, предупредувања и заблуди во врска со дијабетесот. Според него, потребна е поголема едукација за дијабетесот, како и набавка на табеларната терапија глукомери, но не само за деца, туку и за возрасни.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека кога станува збор за пациент со дијабет, веќе не станува збор само за тоа како се третира дијабетот, туку секогаш мора да имаме предвид дека станува збор за начин на живот.

Тој истакна дека сега имаме три нови инсулини и два нови препарата што овозможуваат уште поголема контрола на гликемијата, а тоа се инсулини кои се и кардио протективни што ги штитат срцето и крвните садови со што се овозможува зголемен квалитет на животот.

– Тоа што сега го правиме е постапката со цел првпат во земјава да се набават сензори за мерење гликемија, а тоа значи наместо вообичаените боцкања како за земање крв и мерењето на шеќерот во крвта сега се ставаат специјални сензори на надлактицата и тоа се мери со електронска направа, што уште повеќе го зголемува квалитетот на живот на овие пациенти, пред сѐ на децата – посочи Филипче.

Утрово на Клиниката за ендокринологија е отворен нов Ендокринолошки дијагностички центар, кој овозможува интегрирана, сеопфатна дијагностика на пациентите со ендокринолошки заболувања.

Доц. д-р Саша Јовановска Мишевска, директорка на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизамот, се осврна на стогодишнината од пронаоѓањето на инсулинот.

– Новите технологии како што е преносливиот глукометар им олеснија на луѓето да ја следат својата состојба. Во 80-те години на минатиот век првпат беше развиен и хуманиот инсулин што беше високо прочистена молекула и можевме да го произведеме во неограничени количини, за нас тогаш беше битно пациентите да ни се живи, да не се во кома, дека имаме помалку ампутации. Во овој период беа развиени и инсулинските пенкала, немаше потреба од инсулински шприцеви, големи игли и тоа значеше дека веќе нема потреба и од редовна стерилизација на шприцевите па апликацијата на инсулинстака терапија да се илесни за пациентите – истакна таа.

На Форумот се одржа и панел дискусија „Само заедно можеме и повеќе“ на која панелисти беа д-р Зоран Гучев од Клиниката за детски болести и д-р Ирфан Ахмети, претседател на Националната комисија за дијабетес.

Поврзани содржини