ЛАБУДОВИЌ ВЕТУВА ПЛОШТАД „ФЕНИКС“ – НОВО СРЦЕ НА ЦЕНТАР Погледнете како е замислен
Плоштадот „Феникс“ е осмислен како современ јавен простор каде ќе се среќаваат културата, уметноста и секојдневниот живот, место каде луѓето ќе се собираат, ќе слушаат музика, ќе гледаат уметнички изложби и ќе се дружат.
Центар се подготвува да добие нов симбол што ќе ја претставува неговата енергија, култура и иднина – Плоштад Феникс, замислен како плоштад на заедништвото, инспирацијата и животот – соопшти кандидатот градоначалник на Општина Центар Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ, За наша Македонија.
Проектот, вели Лабудовиќ, има за цел да создаде ново урбано и културно јадро што ќе ги поврзе луѓето и ќе ја врати гордоста на живеењето во Центар.
– Време е Центар да добие симбол кој ќе ги обедини сите. Го најавувам проектот Феникс – Плоштад на заедништвото! Нов, модерен и зелен простор што ќе биде симбол на новата надеж и иднината. Плоштад кој ќе ја раскаже приказната за Центар и центарци – изјави Лабудовиќ.
Новиот плоштад е осмислен како современ јавен простор каде ќе се среќаваат културата, уметноста и секојдневниот живот, место каде луѓето ќе се собираат, ќе слушаат музика, ќе гледаат уметнички изложби и ќе се дружат.
Проектот „Феникс“ е замислен да се реализира во рамките на новата општинска зграда и да биде пример за еколошка, енергетски ефикасна, современа архитектура. Предвиден е подземен паркинг, уметничка галерија, детски креативен центар и бројни јавни содржини наменети за граѓаните.
– Феникс нема да биде само нов плоштад – тој ќе биде симбол на препородот на Центар. Со него, градиме место каде што културата, уметноста и заедништвото ќе живеат секој ден. Центар повторно ќе дише, ќе биде жив, модерен и горд. Со оваа иницијатива, Центар добива повеќе од инфраструктурен проект – добива визија. Визија за град што се развива со идеја, се гради со почит кон луѓето и се движи напред со љубов кон својата заедница. Плоштад Феникс е замислен како новото срце на Скопје – место што обединува, инспирира и потсетува дека Центар секогаш бил и ќе остане просторот каде што се раѓа духот на градот – додаде Лабудовиќ.


Фото: Принтскрин