ЛАБУДОВИЌ ВЕТИ СУБВЕНЦИИ ЗА ТАБЛЕТ И ЗА ЛАПТОП Мерка за сите ученици од петто одделение во Центар

138

Кандидатот за градоначалник на општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, ја најави новата мерка што ќе биде дел од неговата програма за дигиталната писменост како поддршка на младите – субвенции за таблети и лаптопи за сите ученици од петто одделение во општина Центар.

– Денес дигиталната писменост е исто толку важна колку и учебникот. Ако сакаме децата да бидат во чекор со времето, мора да им овозможиме еднаков пристап до современи алатки за учење. Затоа, воведуваме мерка со која секое дете ќе добие поддршка од 3.000 денари за таблет или 6.000 денари за лаптоп. Ова е конкретна помош за родителите, но и вистински чекор кон модерно, рамноправно и достапно образование за сите – изјави Лабудовиќ.






Според него, оваа мерка не е само финансиска поддршка, туку инвестиција во знаење, иднина и еднакви шанси за сите ученици. Со неа, Општина Центар ќе стане пример за тоа како една локална самоуправа може да придонесе за поголемо ниво на дигитална писменост и поддршка на младите генерации.

– Сакаме децата во Центар да имаат исти услови за учење – без разлика на тоа од какво семејство доаѓаат. Сакаме сите да имаат еднаква можност да учат, да истражуваат и да се надградуваат. Затоа што секое дете заслужува поддршка, а секој родител заслужува сигурност дека неговото дете има фер старт во животот – истакна Лабудовиќ.

 

Поврзани содржини