ЛАБУДОВИЌ ВЕТИ ЕНЕРГЕТСКO ЕФИКАСНИ ФАСАДИ Центар ќе биде обновен и зелен

43

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, најави современ проект за нов систем на енергетскo ефикасни згради, кој ќе придонесе за подобрување на условите за живеење, зачувување на животната средина и разубавување на урбаното јадро на Општината.

– Преку грантови од Општината ќе ги реконструираме фасадите на сите згради и ќе ги направиме енергетскo ефикасни. Секоја зграда е дел од идентитетот и имиџот на нашата општина. Затоа, старите фасади ќе добијат автентичен и достоинствен изглед, што не само што ќе го разубави Центар, туку ќе им донесе на граѓаните подобра енергетска заштеда и помали сметки за греење – изјави Лабудовиќ.






Овој систем претставува дел од пошироката стратегија за зелена и одржлива општина, која предвидува не само визуелно унапредување, туку и долгорочна економска корист за жителите. Преку поставување фотоволтаични панели на покривите и модернизација на хидрантските и водоводните системи, ќе се овозможи значителна заштеда на енергија и вода, што е во согласност со најсовремените европски стандарди за енергетска ефикасност.

– Центарци заслужуваат убав, сигурен и достоинствен живот. Со овие реконструкции, ќе го зачуваме духот на нашите згради, ќе го одржиме нивниот архитектонски карактер, а истовремено ќе му дадеме нова енергија на просторот каде живееме – нагласи Лабудовиќ.

Проектот ќе се реализира во повеќе фази, почнувајќи од најстарите и најоштетени фасади, со цел секоја зграда да добие нов и, во исто време, енергетски ефикасен надворешен изглед. Покрај тоа, ќе се воведат и стимулации за управителите на згради и станбените заедници кои активно ќе се вклучат во процесот, со што ќе се поттикне колективната одговорност и партнерството меѓу Општината и граѓаните.

– Нашата цел е Центар да остане автентичен, но обновен, зелен, модерен и енергетски ефикасен. Да создадеме градско јадро што не ја заборава својата историја, туку ја гради својата иднина на одржливи темели – заклучи Лабудовиќ.

 

Поврзани содржини