„Лајка“ ли е, бајка ли е?
Верувале или не, во новиот стационар „Лајка“ ќе можат да се приберат дури 100 кучиња. Имате ли претстава што значи оваа бројка за град како Скопје, во кој се проценува дека во моментов уличарат околу 2.000 кучиња-скитници?
Супер е да се слушне дека озлогласениот стационар Вардариште конечно заминува во историјата и дека започнува со работа новото модерно кучешко прифатилиште „Лајка“. Сѐ уште не сум успеал да ѕирнам во внатрешноста на овој нов објект, но ајде да речеме дека им верувам на градските власти кога тврдат дека станува збор за опремени простории кои ги задоволуваат сите европски стандарди.
Како што разбрав, секој од кафезите за кучиња, односно целиот објект е со подно греење, а „Лајка“ ќе се води како посебно јавно претпријатие и нема да е дел од ЈП Комунална хигиена. Како што посочија градските власти, таму ќе бидат вработени стручни лица кои знаат како да им обезбедат хуман третман на животните.
И сето тоа одлично звучи, сѐ додека не дојдеме до главниот момент, од кој најмногу зависи тоа дали скопјани конечно ќе можат да здивнат и слободно да се движат по улиците без страв од кучињата-скитници. Тој главен момент, драги мои, се нарекува – капацитет на прифатилиштето.
Верувале или не, во новиот стационар „Лајка“ ќе можат да се приберат дури 100 кучиња. Имате ли претстава што значи оваа бројка за град како Скопје, во кој се проценува дека во моментов уличарат околу 2.000 кучиња-скитници?
Во пракса, тоа би значело дека во прифатилиштето би имало место само за кучињата на автобуската станица во населбата Геге, на пример. Или, пак, место би имало само за кучињата кои живеат пред маалската месарница во Карпош и кои секојдневно чекаат великодушниот месар да им фрли по некое колбавче. Или, само за глутницата кучиња-скитници во Жена парк. Или, само за оние на плоштадот кои си ги топлат коските на споменикот и одвреме-навреме гризнуваат по некој пешак или велосипедист. Или, само за оние кои се плеткаат околу главната капија на Град Скопје во Градскиот парк.
Сега, јасно ви е што значи бројката од 100 кучиња?
Како што реков и погоре, радосен сум поради фактот дека кучињата конечно ќе живеат во добри услови, но од друга страна, тажен сум поради тоа што многу кучиња нема никогаш да добијат шанса да си ги топлат шепите на подното греење во „Лајка“. Тажен сум и за скопјани кои и понатаму ќе се шетаат со страв и со трауми.
Ако сакате да ставите крај на проблемот, тогаш или изградете уште 19 стационари со капацитет од по 100 кучиња, или, пак, бидете сериозни и проширете ги капацитетите на „Лајка“, за да може да се приберат сите 2.000 кучиња. Па макар и се грееле на дрва. Оти, вака, кучињата касаат, а карванот си врви.