КВЕБЕК ВОВЕДЕ ДАНОК НА НЕВАКЦИНИРАНИ Не треба да страдаат 90 отсто вакцинирани
Само 10 отсто од граѓаните на Квебек не примиле вакцина.
Властите во канадската провинција Квебек синоќа соопштија дека во наредните недели ќе воведат нов данок наречен „здравствен придонес“, само за граѓаните кои одбиваат да примат вакцина против ковид-19.
– Работиме на нов данок за сите возрасни кои одбиваат да примат вакцина против коронавирусот бидејќи тие претставуваат финансиски товар за сите граѓани – рече премиерот на покраината, Франсоа Лего.
Лего додаде дека 10 отсто од граѓаните на Квебек не примиле вакцина и нагласи дека останатите 90 отсто вакцинирани не треба да страдаат поради нив. Според него, тие 10 отсто невакцинирани возрасни лица претставуваат 50 отсто од луѓето на одделенијата за интензивна нега во болниците.
Во Квебек, кој има околу 8 милиони жители, моментално се хоспитализирани вкупно 2.742 лица, а околу 255 луѓе се на одделенијата за интензивна нега.