КУРТИ ПОВТОРНО ЈА ЗАТВОРА ВРАТАТА ЗА ЗСО Го спореди моделот за општините со Република Српска
Косовскиот премиер вели дека не е против соработка меѓу општините, но отфрла формирање Заедница на српски општини со извршни овластувања. За целосна нормализација со Србија Курти бара меѓусебно признавање на Србија и Косово.
Косовскиот премиер во технички мандат Албин Курти повторно ја отфрли Заедницата на српски општини. Курти предупреди дека таква структура би личела на Република Српска во Босна и Херцеговина и би ја поткопувала функционалноста на Косово однатре.
– Кој сака асоцијација на општини, ние веќе ја имаме. Но, она што Србија го нарекува асоцијација всушност не е за српската заедница, туку против независноста на Косово – изјави Курти во поткаст кај пензионираниот француски генерал и аналитичар Доминик Тринкан.
Според Курти, меѓуопштинската соработка треба да обезбедува подобри јавни услуги во рамките на косовскиот институционален систем.
Курти повтори дека Приштина сака целосна нормализација на односите со Белград. Но, како услов повторно го поставил меѓусебното признавање.
ЗСО е едно од најтешките прашања
Прашањето за Заедницата на српски општини повеќе од една деценија е едно од најтешките во дијалогот меѓу Белград и меѓу Приштина.
Првиот Бриселски договор беше постигнат во 2013 година. Тогашните премиери Ивица Дачиќ и Хашим Тачи преговараа со посредство на Европската Унија.
Курти потсети и на Основниот договор постигнат во февруари 2023 година. Еден месец подоцна беше договорен и анексот за негово спроведување, кој требаше да биде потпишан во Охрид.
Курти тврди дека Косово ги почитува преземените обврски. Истовремено ја обвинува Србија дека одбила формално да го потпише договорот.
Уставниот суд е вториот аргумент на Курти
Курти се повикува и на одлуката на косовскиот Уставен суд од пред повеќе од една деценија.
Според неговото толкување, судот оценил дека моделот на моноетничка заедница на општини не е во согласност со духот на косовскиот Устав.
Курти прави јасна разлика меѓу косовските Срби и меѓу политиката на Белград.
– Нашата опасност не доаѓа од Србите во Косово.
Тој го обвини Белград за, како што го нарекол, „застарен хегемонистички нагон“. Според Курти, Србија не прифаќа дека Србите можат да бидат малцинство надвор од нејзините граници.