КУРТИ БАРА „НОВ ПРИСТАП“ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ДИЈАЛОГОТ СО БЕЛГРАД Реакција по состанокот на „големата петорка“ во Приштина

„Казнувањето“ на Србија за „терористичкиот напад“ на 24 септември во Бањска е клучно за спречување на слични инциденти во иднина - истакна косовскиот премиер по разговорите со западните дипломати за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

603

Косовскиот премиер Албин Курти по денешната средба со претставниците на „големата петорка“ во Приштина изјави дека е потребен „нов пристап“ за продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Белград.
Во разговор со западните дипломати, Курти рече дека „безбедноста на државата и граѓаните, границите и територијата“ се приоритет за Косово и оцени дека „казнувањето“ на Србија за „терористичкиот напад“ на 24 септември во Бањска е клучно за спречување на слични инциденти во иднина.
„На средбата се разговараше за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија, односно имплементација на Основниот договор од Брисел и Охридскиот анекс за негова имплементација. Премиерот посочи дека е неопходна квалитативна рефлексија и нов пристап. Сите петмина емисари го понудија својот нов план за иднината, за што премиерот изрази благодарност. Дискусиите мора интензивно да се продолжат“ – соопштија од кабинетот на Курти.
Претходно, претставникот на ЕУ за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак, потврди дека западните дипломати дошле во Приштина „со план“ и дека за тоа разговарале со премиерот Албин Курти.
Тој додаде дека не може да соопштат повеќе детали за планот, но повтори дека е неопходно што поскоро да се формира Заедницата на српските општини (ЗСО) и дека без формирање на ЗСО, Косово не може да напредува на патот кон Европската Унија.
-Дијалогот нема алтернатива – рече Лајчак, додавајќи дека нападот во Бањска променил многу работи.
Претставниците на „големата петорка“, меѓу кои и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, советниците за надворешна политика на францускиот претседател и германскиот канцелар, Емануел Бон и Јенс Плетнер, како и дипломатскиот советник на италијанскиот премиер, Алесандро Катана, по состанокот во Приштина отпатуваа во Белград за да разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„ГОЛЕМАТА ПЕТОРКА“ ГО ДОНЕСЕ ВО ПРИШТИНА ПЛАНОТ ЗА ЗСО Заедницата на српски општини е клучен дел од договорот






Поврзани содржини