Премиерот Зоран Заев денеска ќе учествува на Самитот за Западен Балкан што се одржува во Виена, соопшти владината прес-служба. Заев, придружуван и од вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, ќе има и билатерална средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој е иницијатор и домаќин на Самитот.
Во организација на австриската влада, денеска во Виена се одржува конференција за Западен Балкан, на која учествуваат премиерите во регионот каде главната цел е да се врати регионот високо на агендата на Европската унија.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц ги покани премиерите на Западен Балкан на конференција на која, пред се, ќе разговараат за европската перспектива, но и за борбата против ковид-19, економската поддршка по кризата и заедничката борба против илегалната миграција.
На конференцијата ќе присуствуваат и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, премиерот на Црна Гора Здравко Кривокапиќ, премиерот на Косово, Албин Курти и претставникот на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак додека од Албанија ќе има претставник на владата.
Во изјавата, Курц истакна дека земјите од Западен Балкан ја имаат целосната поддршка на Австрија на нејзиниот пат кон ЕУ и во борбата против пандемијата.
– За жал, минатата година ЕУ не посвети доволно внимание на процесот на приближување кон овој важен соседен регион – нагласи тој, додавајќи дека ЕУ е комплетна само кога сите земји од Западен Балкан станат членки на Унијата.