КУПУВААТ ИНДУСТРИСКИ ОБЈЕКТИ, ПА ГИ ПРЕТВОРААТ ВО ЗГРАДИ ЗА ДОМУВАЊЕ Грчката „златната виза“ мамка за американските инвеститори
Американските инвеститори ги наведуваат поволните цени, начинот на живот, како и безбедноста и стабилноста во земјата како главни причини за инвестирање во Грција.
Бројот на американски граѓани кои инвестираат во грчки недвижности преку програмата „златна виза“ се зголемил за 40% на годишно ниво во третиот квартал од 2025 година, покажуваат податоците од адвокатската канцеларија Варнавас.
Зголемувањето на интересот доаѓа и покрај заострувањето на условите од 2024 година, кога минималната инвестиција беше зголемена на 800.000 евра за купување недвижности во Атина, Солун и поголемите острови, додека во остатокот од земјата ограничувањето сега е 400.000 евра, објави Екатимерини.
Според канцеларијата на Варнавас, инвестициите од американски граѓани често надминуваат еден милион евра, а јужниот брег на Атина и пристаништето Пиреја се најбараните локации.
Американските инвеститори ги наведуваат поволните цени, начинот на живот, како и безбедноста и стабилноста во земјата како главни причини за инвестирање во Грција.
За да ги заобиколат повисоките инвестициски прагови, сè повеќе американски инвеститори ја користат инвестициската опција од 250.000 евра – купување на комерцијален имот, како што е индустриска зграда, која потоа се претвора во станбен простор. Инвеститорите на овој начин можат да го остварат и своето право на „златна виза“ во Грција.
– Оваа нова можност веќе има ефект врз пазарот. Странските инвеститори ги претвораат напуштените индустриски згради од времето на грчката криза во станбени блокови, со што ја зголемуваат понудата и внесуваат нова ликвидност и капитал во реалната економија – вели адвокатот Александар Варнавас.