КУПИЛЕ СПРЕЈ WD-40 ЗА ДА БРИШАТ ТРАГИ ВО КУЌАТА НА ПАНЧЕ Манев не забележал дека Палчо носел пиштол
Палевски го турна Панче во дупката. Дупката не ја затрупавме веднаш, туку во неделата вечер, ден пред грабнувањето на наводната жена, рече Манев.
Судијата Ивица Стефановски денеска го испитуваше второобвинетиот Велибор Манев за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Судијата го праша Манев кога е убиен Панче.
– Знам дека е среда, датумите ми се помешани, 22 и 23 ноември ми се помешани – рече Манев.
На барање на судијата тој повторно ја опиша вечерта пред да биде убиен Панче. Вечерта кај него дошле обвинетите Љупчо Палевски, Влатко Кешишев и Боре Видевски. После тоа, Манев и Кешишев со „мерцедесот“ на Велибор отишле да наточат една туба дизел, една туба бензин, до најблиската бензинска „Макпетрол“, на влезот од Велес и се вратиле дома.
Галоните од по 10 литри ги ставиле кај Манев во гаража, а наредниот ден ги ставиле во „рено кангу“.
– Сите четворица отидовме кај куќата на Панче. На снимката има две вечери, првата вечер кога отидовме да ја провериме куќата на Панче, не носевме мотороли радиостаници. Јас бев малку поназад, а Палевски заврте да го види местото и приодот до куќата. Потоа се вративме сите заедно пешки, а потоа Палевски и Кешишев си заминаа со „кангу“ за Скопје. Боре замина со неговата кола. Утредента повторно се собравме во раните утрински часови, јас, Палевски, Кешишев и Видевски. Тогаш имавме 3 радио станици, јас, Боре и Палчо – рече Манев.
Тој не знаел дали некој од нив тогаш носел огнено оружје со себе.
Кон куќата на Панче тргнале во 5 или 5.30 часот. Чекале да излезе до кај 7.15- 7.20 и ги слушнале комшиите на Жежовски како одат со кола на работа.
– Палевски со моторолата јави дека од чекање нема фајде. Рече Боре да му чукне на врата, Панче да отвори и да го грабнеме во претсобје. Откако го грабнавме го ставивме во гепекот. Од куќата до паркингот „цитроенот“ го возеше Палевски, јас бев совозач, а Боре седеше одзади. За тоа време Панче беше во гепек и беше ставен во церада, зашто требало да биде спуштен во дупката со неа – рече Манев.
Кога стигнале кај пругата, каде што било паркирано „рено кангу“, застанале, ставиле гориво во возилото на Панче и тргнале кон езеро, Башино Село и кон Рудник.
– Јас го возев „цитроенот“. Боре мислам дека беше со мене. Знам дека бевме поделени по двајца. Палевски го возеше „рено кангу“. Кога стигнаме на местото го извадивме Панче од гепекот, го однесовме кај отворот до земуницата за да го одврземе и да го спуштиме доле. Јас бев клекнат да го одврзам, Палчо пријде и му испука куршум – рече Манев.
– Дали до тој момент видовте дека Палчо носи огнено оружје? – праша судијата.
– Да видев, немаше да бидам овде – рече Манев.
– Што се случи потоа? – праша судијата.
– Излегов од шумичката, дишев длабоко да не колабирам, а Боре излезе по мене. Палевски го турна Панче во дупката. Дупката не ја затрупавме веднаш, туку во неделата вечер, ден пред грабнувањето на наводната жена. Според кажување на Палевски, тој го фрлил мобилниот на Панче во капини, во дол, во близина каде што точевме гориво – рече Манев.
По убиството на Панче, тројцата влегле во „цитроенот“, Манев возев до местото каде што ги чекал Кешишев. Палевски излегол и седнал во „реното“, со Кешишев, а Манев го управувал „цитроенот“ со Боре Видевски.
„Цитроенот“ го паркирале кај пругата кај Кванташки, а потоа со „кангуто“ отишле сите во канцеларија. Вечерта со Боре се вратиле во Велес со „реното“, кое го паркирале во дворот на Манев.
-Наредниот ден сте купиле WD-40, ракавици итн. – рече судијата и му покажа фискална сметка.
– Да – потврди Манев.
Тој додаде дека наредниот ден рано наутро со Боре отишле до куќата на Жежовски.
– Ставивме ракавици. Го зедовме WD-40 и крпа за да избришеме некои траги ако има, ама не го искористивме. Не успеавме да ја отвориме вратата и се вративме. Потоа отидовме во Скопје – рече Манев.
Потоа додаде дека во петок рано наутро имале неуспешен обид да ја грабнат жената во Скопје. Во колата имале сина вреќа во која требало да биде покриена жената. Таа вреќа ја употребиле во понеделникот на 27 ноември 2023 година, кога ја киднапирале Вања.