КУПЕТЕ СИ ЕЛЕКТРИЧЕН ТРОТИНЕТ И СТАВЕТЕ 8.000 ДЕНАРИ В ЏЕБ Субвенциите на Град Скопје важат и за купување велосипед
Јавните повици, велат од Град Скопје, ќе траат заклучно со 01.11.2022 година, или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена, во зависност од тоа кој услов ќе настапи прв.
Град Скопје денеска објави Јавни повици за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди во 2022 година, како и за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети во 2022 година.
„Целта на јавните повици е подобрување на квалитетот на животната средина, односно подобрување на квалитетот на воздухот во градот Скопје и унапредување на здравјето на луѓето, преку стимулирање на граѓаните на градот Скопје за користење велосипеди и електрични тротинети, со што би се намалило загадувањето предизвикано од сообраќајот. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира за велосипеди се во износ од 50% од вредноста на велосипед, но не повеќе од 4.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. За електричните тротинети, средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 30% од вредноста на еден тротинет, но не повеќе од 8.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход“, наведено е во соопштението.
Јавните повици, велат од Град Скопје, ќе траат заклучно со 01.11.2022 година, или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена, во зависност од тоа кој услов ќе настапи прв.
„За повеќе информации во врска со јавните повици, заинтересираните граѓани може да се обратат во Секторот за заштита на животната средина на Град Скопје на телефонскиот број 02/3297- 303, како и на бројот 02/3207 548“, соопшти Град Скопје.