КУПЕТЕ СИ ДРВА ПО ЛАНСКИ ЦЕНИ Никогаш не е рано да се мисли на зимата
Складовите и трговците со огревно дрво велат дека интересот е добар. Цената се движи од 3.900 денари до 4.500 денари за кубен метар за буката и од 4.000 до 4.500 за кубик даб. Во цената е вклучено и доставување.
И покрај топлото време граѓаните кои се топлат со дрва и пелети веќе се подготвуваат за зимата.
Складовите и трговците со огревно дрво велат дека интересот е добар. Цената се движи од 3.900 денари до 4.500 денари за кубен метар за буката и од 4.000 до 4.500 за кубик даб. Во цената е вклучено и доставување. Постојат и огласи за продажба на огревно дрво на кои дрвото се нуди по цена од 3.000 до 5.400 денари за кубик.
Продажбата која се реализира преку ЈП Национални шуми во складовите е по ценовникот од ноември 2024 година кој уште е во сила. Според него, цената на буката за кубен метар изнесува 3.744 денари, за јасенот 3.504 денари, за тополата 3.384, за елката 2.460, за борот 2.460 денари, за моликата 2.460 денари, кубик огревно дрво од костен чини 3.840, а од багрем 3.864 денари.
Последните години, пелетите стануваат сè попопуларни, додека речиси и да нема домаќинства кои се греат на јаглен. Цената на пелетите е стабилна и сè повеќе добива предност како поекономичен и попрактичен избор.
Вреќа од 15 килограми пелети од прва каса на пазарот се движи од 210 до 380 денари, зависно од тоа дали се произведува во земјава или е од увоз. Цената на пелетите од втора класа се движи од 230 до 235 денари.
Во земјава најчесто се увезуваат босански, црногорски и српски пелети, а ги има и од домашно производство.
Од компанијата „Еко Лајф“ од Ранковци велат дека годинава има голем интерес за пелети. Цената на вреќа од 15 килограми на овој производител е 249 денари, а ги има од бор и од бука.
Трговците со пелети велат дека годинава има голем интерес за овој огревен енергенс.
– Имаме голем интерес за пелети и за брикети годинава. Цената за прва и за втора класа речиси е иста и се движи од 230 до 255 денари за пакување од 15 килограми. Брикетите се со цена од 17.000 до 19.000 денари тон. Снабдувањето е без проблеми во овој период – велат од Пелет центарот во Скопје.
Граѓаните од Скопје кои ги анкетиравме велат дека полека го напуштаат дрвото за огрев иако, како што велат, покрај топлењето имаат и други придобивки од таквиот начин на греење. Нивните пресметки се дека е најевтино да се греат на струја со инвертери.
– Не сме приклучени на скопското парно. Досега ги испробавме сите енергенси од дрво и нафта до пелети. Последниве години цената на дрвата и на пелетите растеше, па годинава решивме да не ризикуваме и се определивме за греење со инвертер. Ќе видиме дали ќе ни се исплати – вели Аце од Ѓорче Петров.
Негова сограѓанка, пак, вели дека уште се грее на дрво.
– Мислам дека е поисплатливо бидејќи покрај греењето на шпоретот и готвам. Годиниве се потопли, па и помалку дрва се трошат. Останува од претходната година, па само се докупува 1 до 2 кубика. Ама младите веќе не сакаат вакво греење бидејќи треба да чистат и да го палат, што им претставува тешкотија – вели таа.
Според статистиките, најголем број од домаќинствата во земјава немаат парно греење и се оставени да бираат дали ќе се греат на дрво, пелети, струја или друг вид на греење. Изборот го прават според сопствените пресметки и можностите.
Вообичаено, грејната сезона во земјава трае од втората половина на октомври до крајот на март, но поради климатските промени последните години во земјава има потопли зими и потрошувачката за огрев е пониска.