„КУПЕТЕ ЈА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА“ Е МНОГУ ГЛУПАВА ИДЕЈА Бизнисмените прават профити, не освојуваат држави!

Економски експерти и бизнисмени велат дека кардинална глупост и провокација е повикот на пробугарската Фондација Македонија до бугарските фирми и до граѓаните на Бугарија да купуваат акции во Македонија и така да ја купеле македонската економија.

691

Голема глупост и провокација, дел од актуелните случувањата во македонско-бугарските односи, е повикот на Фондацијата Македонија бугарски граѓани и компании да ја купат македонската економија, преку акции на берза и така да обезбедат контрола на државата, велат економски и политички експерти и бизнисмени со кои разговараше Плусинфо.

Тие сметаат дека не постои никаков ризик една ваква идеја да ги загрози македонската економија и државата.






Пробугарската фондација Македонија објави повик на Фејсбук, во кој ги повика Бугарите да купуваат акции на македонски компании, со образложение дека состојбата со економијата, пазарот на трудот и со берзата кај нас е лоша.

„Сега е време Бугарите да ги купат македонските акции, да ја купат целата македонска економија, сега и во следните 2 години, во кои вредноста на македонската економија ќе се намали за нови 30 до 45%. Знаете дека во 21 век, кој ја контролира економијата контролира сè. Ние сме на потег. Очекувајте новости од Фондацијата Македонија и во оваа насока!“, се вели во Фејсбук објавата.

Повикот е обична провокација

Економски експерти и бизнисмени велат дека повикот е глупост и провокација, која се совпаѓа со изнасиленото отворање на бугарски културни центри во земјава.

– Доколку сакаат бугарските граѓани или компании, тие и сега можат да тргуваат на берзата, ако ги почитуваат законите и правилата на тргување и ако имаат пари и економски интерес тоа да го направат, во конкуренција со домашни и странски купувачи. Никој не ги спречува во тоа. Тамошни бизнисмени поседуваат банка во Македонија, ги поседуваат најпрофитабилните рудници, а имаат и други фирми, што значи не е мал капиталот што го имаат тука. Но, целта на овие бизнисмени е да обезбедат профит, не да освојуваат држави – велат експерти.

Здравко Савевски, доктор по политички науки, вели дека и овој повик е провокација, која не носи никаков ризик за земјата.

– Жално е што постојано се наоѓаат групации кои ја распламтуваат омразата меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Ова е уште една таква провокација. Има такви центри на моќ на кои им е целта не да обединуваат, туку да раздвојуваат, кои стојат најверојатно и зад ваквата идеја. Акциите на македонските компании се на отворен пазар и може да се купат секој во светот – вели Савевски.

Според него, ваквиот повик не треба да се третира како реален ризик за земјава.

– Бугарија, бугарската економија, поединците и тамошните капиталисти не се толку моќни за да реализираат еден ваков потег. Затоа една ваква идеја е само провокација која шири омраза – вели Савевски.

Тој додава дека во услови на економски пад на економијата и пад на цената на акциите, секоја компанија, па и македонските, ќе сакаат да ги купи некој кој ќе има доволно моќ да ги извлече од кризата, што не може да се рече дека тоа можат да го направат Бугарите.

Приватизацијата беше голема шанса, ја искористија Грците

И бизнисмените кои ги консултиравме за ова прашање велат дека ваквата идеја е глупост.

– Во услови на отворена економија, секој странец, па и Бугарите и бугарските бизнисмени, можат слободно да купуваат акции на Македонска берза и така да станат сопственици на фирми кои котираат на берзата. Можат и директно да купуваат компании или да отвораат фирми во земјава и преку нив да купуваат што сакаат. Но, прашање е дали тие бизнисмени имаат интерес и пари да направат такво нешто, зашто во бизнисот сè се гледа низ призмата на профитот. Веројатно нивните процени се поинакви од оние на оваа фондација, која има сосема друга цел – вели бизнисменот Ангел Димитров.

Според него, бугарските бизнисмени имаа можност да купуваат фирми и за време на големата приватизација на компаниите во земјава, но тогаш не го сторија тоа.

– Грција тогаш ги купи најдобростоечките компании во земјава и тие и денес работат добро, што значи дека ако економската процена за инвестирање е добра, тогаш и инвестицијата се исплати. Зошто Бугарите тогаш не купуваа македонски компании, а сега би купиле? – прашува тој.

Може ли ова да биде политички проект?

Дел од експертите, сепак, оставаат можност бизнисмените поинаку да се однесуваат, ако зад нив стои државна стратегија.

– Во тој случај, овие бизнисмени би се затскривале зад идејата да се помогне таа стратегија, но би се довеле во ситуација и политички да се обојат нешто што не е во нивен интерес – велат експерти.

За Димитров и оваа опција е спорна, бидејќи како што вели бизнисмените се гледаат низ профитот.

– Вакво нешто би успеало ако државата застане зад една ваква идеја и би ги субвенционирала бизнисмените за таква акција. Инаку, никој успешен бизнисмен, без оглед на својата политичка определба, не сака да му штети на сопствениот бизнис и на капиталот. Тој при секоја инвестиција очекува профит, а мал е бројот на бизнисмени кои сакаат да бидат политички обоени и да ги преживуваат промените на владините политики – додава тој.

Не треба да се заборави, вели Димиров, дека и македонските компании, граѓани и инвестициски и други фондови можат да тргуваат на берзи надвор од земјата, но малку од нив купуваат компании во Бугарија.

КОЈА Е ФОНДАЦИЈАТА МАКЕДОНИЈА?

Фондација Македонија, како што пишува на нејзината Фејсбук страница, е формирана лани, како бугарска културно-просветна организација формирана од Бугари од Бугарија, Македонија и од Албанија. Таа има цел населението во Бугарија и во Македонија да биде едно општество во две држави.

Меѓу активностите што ги имала Фондацијата се наведува дека во текот на 2021 година биле посетени над 50 населени места на територијата на Македонија и биле донирани над 30.000 бугарски книги, повеќе од стотина бугарски знамиња, како и рисивери за бесплатен прием на бугарски телевизиски канали и пакети со храна на сиромашни семејства.

Фондацијата се фали и дека од македонскиот Архив скенирала над 3.000 документи и дека планира да скенира уште 17.000.

Поврзани содржини