Пожарникарите при Територијалната противпожарна единица Куманово, каденес, во смотра ги презентираа своите нови одела, кои ќе ги користат за гасење на пожари на отворен простор во урбаните и руралните средини.
– На денешната смотра се презентираа 33 нови униформи или комплети за гасење на пожар на отворен простор со што ја доопремивме Противпожарна бригада во Куманово. И секако посакувам истата да ја користат што помалку, да имаат што помал број на интервенции. Оваа опрема чини некаде околу 1.300.000 денари, а беше издвоена со одлука на Советот на Општина Куманово. Ние ќе продолжиме да ја опремуваме единицата, бидејќи гледате дека имаме наследено стара опрема, а Куманово заслужува многу повеќе од тоа – изјави градоначалникот Максим Димитриевски на денешната презентација на новите униформи.
Оваа година при одбележување на Денот на пожарникарите, Територијалната противпожарна единица Куманово исто така доби ново теренско возило за потребите на ТППЕ, набавено со средстава од општината. Додека пак 18 месеци претходно, општината обезбеди и зимски професионални униформи, во вредност од 3 милиони денари.
Целта на сите доопремувања на Противпожарна бригада кои ги обезбедува општината, од свои средства, се резултат на тенденцијата да се обезбедат услови во кои пожарникарите ќе бидат максимално заштитени и да бидат подобро подготвени да одговорат на сите предизвици во општината, велат од локалната самоуправа.
Општина Куманово нагласува дека е една од ретките општини кои се залагаат за доопремување и модернизирање на опремата на Противпожарна бригада со која работат и ја извршуваат нивната задача.