КУМАНОВО ДОБИ 5 ВОЗИЛА ЗА ЧИСТЕЊЕ, А ЌЕ ДОБИЕ И ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ Се градат мост, капела, локални улици…

0

Куманово доби 5 специјализирани возила за одржување на комуналната хигиена низ градот, кои се донација од Владата за општината. За брзо време ќе се донираат и новите електрични автобуси, истакна денеска во Куманово заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој денеска изврши примопредавање на возилата на градоналачникот на Куманово, Максим Димитриевски.






– Министерството за транспорт во соработка со Светска банка направи една поголема набавка на комунални возила, односно најголема којашто општините ја виделе како директна донација во изминатиот период. Дел од таа набавка и дел од таа донација доаѓа во Општина Куманово. После Скопје најмногу возила добива Куманово и мислам дека е така правилно, затоа што се работи за најголемата општина на територија на државата. Тука има две мултифункционални возила за одржување хигиена со соодветен механизам, којшто доста ќе помогне во подигнување на сметот. Еден камион-прскалка којшто ќе овозможи да имаме почисти улици, да се перат улиците, но исто така има можност да носи и техничка вода во кризни ситуации или во ситуации кога има недостиг на вода или прекин со водоснабдување. Две возила за метење улици коишто ќе помогнат да имаме и чисти тротоари, чисти плоштади и чисти отворени површини – изјави Николоски.

Тој додаде дека Владата продолжува со поддршката за општина Куманово, која што во изминатиот период била интензивна и најави дека ќе пристигнат електричните автобуси за Куманово.

– Знаете дека имавме два повика за поддршка на општините. Во првиот повик се обезбедени околу 242 милиони денари, во вториот повик около 328. Дополнително на тоа, преку буџетот на Министерството за транспорт имаме некаде околу 1 милион евра кои што се инвестираат во изградба на мост, инвестираме во изградба на капела, како и во изградба на локални улици во проект со Светска банка и ќе продолжиме тоа да го правиме во следниот период. Би сакал да најавам дека во следниот период ќе пристигнат и електричните автобуси во Куманово, се обидуваме да помогнеме секаде каде што можеме – истакна Николоски.

 

Поврзани содржини