Кумановец со фалс диплома барал работа – СВР Куманово поднесе кривична пријава против Р.С.(51) од Куманово, за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Р.С. во текот на 2016, откако претходно имал завршено III степен на образование во СОУ„Киро Бурназ“ Куманово, за што поседувал диплома, со која бил и вработен во приватна фирма од Куманово од 2006 година, со цел да се здобие со четврт степен на образование, а и поради потребата при вработувањето да има најмалку IV-ти степен ниво на класификација, набавил фалсификувана исправа со невистинита содржина „диплома“, за положен завршен испит и свидетелство за завршена IV-та година, со невистинита содржина, од средно училиште од Скопје. Притоа, фалсификуваната диплома ја приложил како вистинита во два наврата, и тоа во 2017 во Агенција за вработување и во 2020 во приватна фирма од Куманово.
Шиткал хероин во Свети Николе – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривичнa пријавa против И.С.(32), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 17.04.2020 пријавениот во Свети Николе му продал хероин на Д.Т. од Свети Николе, а околу 18.15 часот од полициски службеници при преглед кај Д.Т. бил пронајден хероин. Извршен бил претрес кај пријавениот и пронајдени и одземени биле хероин и мешавина од кофеин и парацетамол.
Се истепале скопјани – На 22.11.2020 во 12.25 часот било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода бил нарушен јавниот ред и мир, со меѓусебна пресметка помеѓу Ж.П.(37) и И.С.(33), двајцата од Скопје. Сочинети се записници за констатиран прекршок по чл.11 од ЗППЈРМ.
Тетовец нападнат со остар предмет – СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.С.(28) од с.Глоѓи, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 10.11.2020 околу 20.30 часот оштетениот Џ.М,(49) од с.Пршовце, тетовско, бил нападнат со остар предмет од Д.С., со кој од претходно имал нерасчистени односи. По преземени мерки од полициски службеници пријавениот бил лишен од слобода во полициска станица.
Делчевец дилал марихуана – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против К.В.(21) од Делчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. При извршен претрес кај Д.К на 12.04.2020, бил затекнат и К.В., а при претрес во домот на К.В. на 13.04.2020, од полициски службеници биле пронајдени и одземени марихуана, семки од растението канабис, дигитална вага.
Исчезната скопјанка – На 22.11.2020 во 16 часот во Полициското одделение Сарај Т.С.(47) од с.Крушопек, скопско, пријавил дека од домот се оддалечила неговата ќерка М.С.(20). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Со измама одземено злато вредно околу 65.000 денари – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против В.Д. (40) од Прилеп, за сторено кривично дело „измама“. На 12.07.2020 во дворот од семејната куќа на жена во Берово, пријавената В.Д. ја убедила жената да ѝ донесе златен накит, кој ветувала дека ќе ѝ го врати, по што В.Д. го земала накитот во вредност од околу 64.575 денари, заминала и не го вратила.
Ограбена жена во Лисиче – На 22.11.2020 во 19.07 часот Б.С.(65) од Скопје пријавила дека околу 18.30 часот на подрачјето на Лисиче од две лица со закана ѝ биле одземени пари, картичка и лични премети. Се работи на расчистување на случајот.