КУМАНОВЦИ КОИ РАБОТЕЛЕ ВО ИРАК И ВО АВГАНИСТАН СО БАРАЊЕ ДО УЈП Повикаа да им се преиспита ретроактивното оданочување

Причината, како што посочуваат засегнатите, е неправедното утврдување на даночната резидентност и обврската за плаќање данок за приходи остварени надвор од државата, неземајќи ги предвид реалните околности на нивниот престој и работа во странство.

233

Незадоволни кумановци кои работеа за американски компании во базите во Ирак и Авганистан и денеска протестираа пред зградата на Управата за јавни приходи Куманово. Тие најавија дека протести ќе има цела работна недела, секој ден од 14 до 16 часот. Причината, како што посочуваат засегнатите, е неправедното утврдување на даночната резидентност и обврската за плаќање данок за приходи остварени надвор од државата, неземајќи ги предвид реалните околности на нивниот престој и работа во странство.

Кумановци побараа надлежните да ги земат предвид доставените докази, пасошите и нивната отсутност од државата 183 дена.






На претходно одржаните два протести кумановци побараа признавање на доказите (пасоши, печати, потврди од работодавци), ревизија на решенијата, запирање на присилната наплата и усогласување на даночната пракса, укажувајќи дека не бегаат од плаќање на даноци и дека бараат правична и законска примена. Денеска, јавно ги повикаа на средба претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, директорката на УЈП Елена Петрова и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, за да се утврдат нејаснотиите и да се признаат доставените докази, укажувајќи дека имале неофицијална средба со нив.

– Јавно го повикаме премиерот Мицкоски, госпоѓата Петрова и градоначалникот Димитриески да ни ги ислушаат нашите барања и да видиме што понатаму, бидејќи ние имаме докази. Имавме неофицијална средба со премиерот и директорката како што знаете, сигурно се слушнале за таа средба на која ни беа кажани многу работи. Ни посочија дека во секоја подрачна единица ќе се отвори канцеларија каде што ќе имаат тимови, организирани и обучени за овој проблем, дека ќе бидат сослушани сите граѓани не само на Куманово, туку од цела Македонија дека ќе го проолонгираат плаќањето до 31 мај, дека ќе ни бидат признаени сите докази што ги носиме, затоа бараме средба – кажаа Жикица Миланов и Зоран Наковски.

Кумановци кажаа дека побарале од американските компании докази за платен данок, но дека УЈП засега не ги признава доставените докази, ниту пак го признава нивното отсуство. Дел од граѓаните побарале докази и од властите во Ирак, кои им кажале дека како странски државјани не можат да им обезбедат таков доказ. Кумановци побараа институциите самите по службен пат да обезбедат докази за платените даноци. Дел од нив имаат од 200, но и прилично високи суми за плаќање на данок кои се движат и до неколку илјадници евра.

Незадоволството почна пред празниците кога на голем број кумановци им стигна известување по електронска сметка, но не и официјални решенија од УЈП дека треба да платат данок за заработените пари од работниот ангажман во компаниите во базите од Ирак и Авганистан. Вакви известувања, како што самите посочија, добиле околу 4.000 кумановци.

Поврзани содржини