Културната револуција на Трамп

Културната војна на Трамп против Харвард не е само судир на моќ помеѓу администрацијата и најстариот универзитет во Америка, туку и обид да се наметне државно знаење, преку бирање на подобни идеи, поставувајќи ограничувања и шини на знаењето и образованието, на тој начин инсталирајќи конформизам кон доминантното мислење преку државни догми и канони кои би требало да произведат една нова културна легитимација.

176

По „најглупавата“ војна на царини, колонијалните закани кон Зеленски и Украина, предупредувањата за анексија на Панама и Грендланд или за припојување на Канада, дрските напади кон Европа и ЕУ, наводно створени за да ја зезаат Америка, „масковото“ кратење на федералната администрација, укинувањето на УСАИД и „Војс оф Америка“, како и редица други неумесни и агресивни настапи на Трамп и друштвото во неполни 100 дена, конечно дојде редот и за идеолошката ордоксија, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.

Културната војна на Трамп против Харвард не е само судир на моќ помеѓу администрацијата и најстариот универзитет во Америка, туку и обид да се наметне државно знаење, преку бирање на подобни идеи, поставувајќи ограничувања и шини на знаењето и образованието, на тој начин инсталирајќи конформизам кон доминантното мислење преку државни догми и канони кои би требало да произведат една нова културна легитимација.






Трамп се обидува да наметне едноумие врз американските образовни и културни институции, отстранувајќи ги сомнежот, интелектуалната и критичката мисла, со цел да наметне една „државна“, припитомена, ампутирана и комформирана мисла. Со други зборови Трамп сега се нафаќа со најамбициозниот проект на неговото владеење: да ја преземе и модифицира културната агенда на целата земја.

Идејата е да се корегира американскиот комон-сенс и тој да се зајакне во насока на новите екстемистички и авторитарни критериуми на десницата. Да се пласира нов модел на знаење преку официјално ограничување на интелектуалната слобода на граѓанинот. Да се создаде едно идеолошко набиено, догматско или ортодоксно мислење или едноумие кое потоа ќе се наметне во училиштита и универзитетите. И конечно, да се нападнат образовните институции и особено универзитетите како центри на прогресивниот либерализам и активизам, виновни за ширење на прогресивни идеи, критичка мисла и иницијативи кои промовираат и привилигираат различност, правичност и инклузивност.

Промена на режимот во негативна конотација

Но, идејата на Трамп оди и многу подалеку од образовните институции и се однесува на севкупната американска култура, на која ѝ се наредува да се униформира и потчини, како да гласот на граѓаните и победата на изборите, покрај тоа што го сместиле на власт, му дава за право да ја смести и неговата нео-авторитарна идеологија во материјалниот Устав на земјата.

Трамп во суштина спроведува промена на режимот, но во негативна конотација. Според интелектуалецот на новата американска десница, Питер Џ. Динен, неопходно е да се спроведе: „Пацифистичко, но жестоко соборување на либералната раководна класа која е корумпирана и која корумпира, и да се создаде поредок во кој актуелните политички форми би останале, но само под услов ако еден фундаментално поинаков етос завладее во тие институции и кај персоналот кој е дел од нив“. Во превод, Америка одново да се морализира, да и се дадат нови општествени норми или „mores“.

За таа цел, како и секогаш, Трамп ги користи парите како средство за изнудување. Три владини агенции испратија писмо до Харвард каде ги поставуваат условите кои универзитетот мора да ги прифати, со цел и понатаму да има право на федерално финансирање, кое во времетраењето на мандот на Трамп би можело да достигне и сума од 9 милијарди долари.

Барањата предвидуваат дека уписите и вработувањата мора да се базираат само на заслуги избегнувајќи секаква преференца базирана на бојата на кожата, религијата, сексуалната ориентација, националното потекло. Дека треба да се забрани упис на студенти непријателски наклонети кон американските вредности и институции, оние кои поддржуваат тероризам и антисемитизам. Универзитетот треба да ги откаже сите програми и предавања поврзани со DEI, односно, со Различност, Правичност и Инклузивност, кои администрацијата ги смета за дискриминаторски кон студентите и професорите кои се белци и конзервативци. Харвард треба ги потисне студентските протести залагајќи се за ревизија на идеологијата на своите академски катедри со цел да го спречи прифаќањето на прогресивното едноумие.

Харвард ја одби дрската размена, пари за (не)слобода, така отфрлајќи го диктатот на Трамп, нешто што би ја променило самата физономија на институцијата. Претседателот на Харвард, Алан Гарбер одговори дека: „Независно од партијата на власт, ниедна Влада не би смеела да наметнува што треба да предаваат приватните универзитети, кого треба да примаат на своите предавања и кои научни области да ги следат и предаваат“.

Се разбира Трамп жестоко возврати, овој пат дека ќе му забрани на американскиот универзитет Харвард да прима странски студенти доколку не се согласи да подложи на контрола во врска со приемот на студенти, академското регрутирање и неговата политичка ориентација. Воедно, Трамп и официјално побарал од американската даночна служба (ИРС) да го укине даночното ослободување што го ужива Харвард.

Ваквите закани и барања на Трамп излагаат од академското поле и влијаат на целата земја, од причина што го загрозуваат принципот на слобода. Тука не станува збор само за форма на административен притисок преку јавно финансирање, туку за директно и инструментално наметнување на културна подобност и дисциплинирање на знаењето и учењето според интересите на одредена епоха и на доминантната власт и моќ. Трамп бара да се влијае на содржината на учењата и на знаењето, на структурите кои тоа знаење го практикуваат, па дури и претендира контрола врз мислењата на студентите и на факултетот. Според Трамп, Харвард главно регрутира „радикални левичари, идиоти и мозоци на врапчиња“, и затоа сака со административни мерки да наметне едно ново државно учење и знаење кое треба да го замени постоечкото.

Цела културна Америка е под напад

Политичкото мешање на Трамп се спроведува во име на националната безбедност, која треба да се гарантира преку идеолошка верност. Но, знаеме одлично дека и во времето на Макартизмот кога Владата им нареди на факултетите да подготват „црни листи“ од комунистички професори кои треба да се избркаат, Врховниот суд во 1967 година ќе интервенира објаснувајќи дека: „Верноста кон демократијата не може никогаш да се наметне за сметка на слободата“.

Оттука, прашањето добива и уставна релевантност, и директно се повикува на Првиот Амандман, кој го гарантира правото на збор, слободата на говор и мисла и правото на собир. Затоа што, според американското право, академската слобода се смета за природно продолжување на правото на изразување. Врховниот суд уште пред 50 години ќе санкционира: „Академската слобода е специјална задолженост на Првиот Амандман, кој не толерира закони кои фрлаат ни макар сенка од ортодоксија врз предавалните“. Потоа додавајќи: „Слободната размена на идеи во тие предавални е тоа што ги прави универзитетите слободни, а демократијата жива“.

Харвард се бори, но цела културна Америка е под напад. Културната војна на Трамп предвидува да се реализира преку културна и морална револуција и чистки во бирократијата. „Вокизмот“ и левичарските радикали ги имаат освоено раководните врвови на културата и општеството, од медиумите до универзитетите, од администрацијата до корпорациите. За Трамп вистинскиот непријател не доаѓа однадвор, туку одвнатре, во формата на либералниот прогресивизам.

Оттука треба да се истисне прогресивизмот како политички проект и левичарските радикали да се отстранат од апаратите, почнувајќи од војската, па од факултетите, кои наместо да учат здрави луѓе, создаваат отровни активисти. Затоа ударот е врз и онака традиционално сомничавата администрација и бирократија, против федералните агенции кои не се избрани, а сепак владеат. Според Трамп треба да се исечат, не само во име на ефикасноста и економичноста, туку и за да се модифицира рамнотежата на уставната моќ во корист на Претседателот и федералните држави, ако треба и предизвикувајќи го Уставот, судовите и Конгресот.

Трамп удира неколкумина за да едуцира стотина. Прво беа агенциите задолжени за ширење на универзалната мисија на Америка (УСАИД), потоа изворите на пропаганда и медиумите како „Voice of America“, сега на ред е културната и идеолошка војна за доминација на училиштата и универзитетите, кои се ковачницата на елитата, храмот на раководната класа, културната резерва на американскиот политички и општествен естаблишмент.

Поврзани содржини