Културњаци се извештиле низ годините како да го надмудруваат конкурсот
Роковите за корисниците оваа година ќе бидат пролонгирани за да имаат време да си ги реализираат проектите.
Дел од апликантите вклучително и националните установи побарале непристојно големи суми, а дел побарале средства за проекти кои поради ковид рестрикциите тешко дека ќе можат да се реализираат во Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области.
– Убедена сум дека во резултатите од програмата, културната јавност ќе го препознае напорот за напуштање на принципот „по малу за сите“. Таквиот принцип ја обесмислува културата и ја убива креативноста. Не смее да се очекува овој конкурс да ги реши сите децениски наталожени проблеми. Оттука промените во овој конкурс се само првиот пионерски чекор кон усовршување на целиот систем – рече денеска на прес конференција министерката за култура Ирена Стефоска, која додаде дека со соопштување на резултатите се доцни од објективни причини – работа во ковид услови и намален буџет од три милиони евра.
Доделени се толку средства со колку што располага Министерството.
– За првпат не се преземаат обврски повисоки од буџетските средства. За распределба на 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, пристигнаа 6.352 апликации што е рекорден број – рече Стефоска, која изрази голема благодарност до стручните комисии, за, како што рече, нивната непопустливост пред огромните притисоци на кои биле изложени.
Добар дел од корисниците и националните институции имале неадеквантно и нецелосно пополнети апликации.
– Дел од корисниците кои од различни причини, понекогаш легитимни, понекогаш нелегитимни, се извештиле низ годините како да го надмудруваат конкурсот, па така на разни начини се протнуваат низ дупките во системот – еднаш се појавуваат како автори, другпат како уредници, консултанти, учесници во манифестација, членови на жири комисии, во групен проект. Исти лица си конкурираат самите на себе и така конкурсот ја изгубил смислата на натпревар. Неретки се и оние кои аплицираат со копи пејст проекти, кои изминатите години биле веќе поддржани. Во ваков сложен и проблематичен контекст и комисиите и јас како министерка зазедовме став за суштинска позиција да се обезбеди одговорно, транспарентна и праведна дистрибуиција на парите на даночните обврзници за културата – рече Стефоска.
Таа апелираше до Собранието што побрзо да го донесе новиот закон за јавен интерес во културата кој го очекуваат 3.500 културни работници. Роковите за корисниците оваа година ќе бидат пролонгирани за да имаат време да си ги реализираат проектите.
Министерството за култура ќе ги исплатите проектите од минатиот конкурс до последен денар, но Стефоска замоли за трпение додека институциите си ја завршат работата.
Во годинешната програма акцентот е ставен врз квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност на животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање на креативни творци, на ранливи маргинализирани групи, реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот.
За првпат се одобрени солидни средства за заштитата на нашето културно наследство. Бројни се проектите во програмата со интеркултурен карактер и одобрени се голем број проекти како поткрепа на заложбата за деметрополизација на културата.