КУЛАКОВИ БАРААТ СУСПЕНЗИЈА ЗА СУДИЈКАТА СНЕЖАНА МАРКОВСКА Зошто жалењето на Васил е поважно од тоа што просто премина преку Фросина?

Бараме максимална затворска казна за Васо, 20 години, без олеснителни околности. Одбраната тврди дека се работи за примерен млад спортист кој тренирал бокс и ракомет, а не кажува дека е избркан од ракометарскиот клуб затоа што предизвикувал тепачки... Судот пресуди само 12 години затворска казна за лице кое било пијано, без возачка дозвола, на пешачки премин на црвено светло, рече таткото на прегазената Фросна, Тодор Кулаков.

313

Од Универзалната сала до пред Основниот кривичен суд Скопје, семејството на Фросина Кулакова изрази револт поради вчерашната пресуда од 12 години затвор за возачот Васил Јованов, кој ја прегази нивната ќерка во јануари годинава на булеварот Партизански одреди. Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, побара максимална затворска казна од 20 години за возачот и дисциплинска постапка и времено суспендирање на судијката Снежана Марковска.

– Бараме максимална затворска казна за Васо, 20 години, без олеснителни околности. Одбраната тврди дека се работи за примерен млад спортист кој тренирал бокс и ракомет, а не кажува дека е избркан од ракометарскиот клуб затоа што предизвикувал тепачки… Судот пресуди само 12 години затворска казна за лице кое било пијано, без возачка дозвола, на пешачки премин на црвено светло – рече Кулаков.






Од Судскиот совет побара отчетност и транспарентност, како и да покрене дисциплинска постапка за да се утврди дали постоело непрофесионално и пристрасно постапување на судијката Снежана Марковска од Кривичниот суд.

– Бараме дисциплинска постапка и времено суспендирање на судијката Марковска, која ја донесе оваа пресуда. Мора да одговори зошто жалењето на обвинетиот го смета за поважно, од тоа што дејствувал под алкохол, без дозвола и со тешко криминално и насилничко минато и просто преминува преку Фросина. Бараме Судскиот совет да покрене дисциплинска постапка и да се утврди дали постоело непрофесионално и пристрасно постапување. Во меѓувреме бараме судијката да биде времено отстранета од работа – рече Кулаков.

Побара Судскиот совет преку соопштение да одговори на нивните прашања.

– Бараме јавно соопштение од Судскиот совет со одговори на следниве прашања: Дали Судот постапувал согласно законот, но да не се држи до праксата „пази ја формата – занемари ја содржината“? Дали постоело влијание од надворешни фактори и зошто не се зеле предвид сите отежнителни околности – рече тој.

Побара да се воведат строги казни за случаи со екстремна небрежност.

– Како прва измена на Кривичниот законик воведување на ново кривично дело – тешко дело со крајна небрежност и смртна последица со минимална затворска казна од 15 години. Бараме да се изготви регистар за опасни сторители за кои клучните улици ќе бидат затворени за сообраќај со моторно возило, говориме за вакви сторители како Васил – рече Кулаков.

На протестот се приклучија и семејства кои на сличен начин имаат загубено близок член. Мајката на Алек Радуловиќ, кој загина на 24 април 2021 година вели дека повеќе од 3 години е во судскиот лавиринт, но, како што рече, завршницата уште не ја гледа.

– Жена на 32 години, Сања Ивановска, му го пресекува патот со првенствено минување и детето ми почина на лице место. Повеќе од 3 години сум пред овие врати во Кривичен и завршницата сè уште не ја гледаме. Сведоци сме на сè и сешто во текот на судењето во однос на нејзината одбрана, затоа што таа во ниту еден момент не се почувствува виновна, така и се брани. Но, на крајот излезе и вештачењето корумпирано и платено, наметнувајќи му вина на мојот син. Утре имаме закажано рочиште во 9 часот и се надеваме дека чесните супервештаци ќе се појават на супервештачењето и ќе го оправдаат своето супервештачење – рече мајката Билјана Радуловиќ.

Сестрата на прегазената Теодора Ристовска од Тетово праша зошто никој не ја испитува јавната обвинителка која преку писмен предлог побарала да му се ублажи казната на возачот којшто ја усмрти нејзината сестра на пешачки премин и доби казна затвор од 2 години.

– Зошто никој не ја испита таа јавна обвинителка зошто дала писмен предлог да му се ублажи казната? Или сега ќе излезе некој нов член на законот што ќе го оправда нејзиното барање. Човекот две и пол години не е влезен во затвор, а ние дома две и пол години ја немаме сестра ми Теодора – рече сестрата на Теодора.

Пред Универзалната сала таткото на Фросина Кулакова рече дека имаат силен сомнеж дека се случува еден цел правен инженеринг.

– Сега и Врховен суд некој го вклучува и излегува со крајно сомнителен термин, го враќа предметот на Васо за дилерство со дрога повторно на Апелација и тоа од чисто формални причини. Очигледна е намерата со игра на датуми да се створи правна конфузија во целата оваа игра што ни ја прават. Сега одбраната ќе бара на Апелација да му се намали казната, бидејќи како отежителна околност во Судот беше тоа што фактички тој бил дилер на дрога – изјави Тодор Кулаков, татко на Фросина.

Возачот Васил Јованов, кој на првото рочиште призна вина и изрази каење за стореното, вчера со одлука на Кривичниот суд беше осуден на казна затвор од 12 години.

Семејството на Фросина вчера порача дека не се откажува и дека ќе протестира барајќи оставки и смена на, како што рекоа, корумпираниот судско-казнен систем.

Поврзани содржини