„КУКАВИЧКА ОДМАЗДА“ ПО УКРАИНСКАТА ОФАНЗИВА? Русите во немоќ ја исекле струјата за илјадници луѓе
Кукавички „одговор“ за бегството на сопствената војска од бојното поле, напиша Михаило Подољак, советникот на Зеленски на Твитер.
Затемнување и недостиг на струја за илјадници граѓани во Украина следело викендов по големата офанзива на Украина, јавува Ројтерс. Струја снемало бидејќи Русите во налет на одмазда ја нападнале цивилната инфраструктура, далноводите, објектите за вода и термоцентралата во Харков, обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер доцна во неделата. Делумно без струја бил и Запорожје, Дњепропетровск и Суми, пред украинските сили утринава да ја вратат електрината мрежа.
„Нема воени објекти, целта е да се лишат луѓето од светлина и топлина“, напиша Зеленски.
Михаило Подољак, советникот на Зеленски, рече дека е погодена електричната станица ЦХПП-5 во Харков – една од најголемите во Украина.
„Кукавички „одговор“ за бегството на сопствената војска од бојното поле“, напиша тој на Твитер.
Гувернерот на Харков, Олех Синехубов, рече дека 80 отсто од снабдувањето со електрична енергија и вода се обновени во регионот до понеделник наутро.
Москва ги негираше наводите дека нејзините сили намерно целеле на цивили. Додека Украинците се фалат дека вратиле над 3.000 квадратни километри територија во последните 10 дена, останува прашањето дали офанзивата ќе биде „снежна топка која се тркала по ридот“ како што ја нарече украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников.
Украинскиот Генералштаб соопшти дека одбранбените сили го дислоцирале непријателот од повеќе од 20 населени места во изминатиот ден.
Во близина на руската граница, во селото Козача Лопан северно од Харков, украинските војници и локалните власти беа пречекани од жителите со прегратки и ракувања.