КСС СЕ ЗАКАНИ СО ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК Бара да не се прави хаос со зголемувањето на платите во јавната администрација
Синдикатот бара да се почитуваат законите и колективните договори, а зголемувањето на платите да се изврши по усогласувањето на платите со Законот за минимална плата.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска преку писмо до пратениците, предупредува на „урамниловка“ и хаос во платите, доколку се прифати зголемувањето на платите во дел од јавниот сектор предложено со буџетот за 2022 година и се зголеми минималната плата на 18.000 денари без да се почитуваат законските критериуми.
Синдикатот, во писмено укажување до пратениците, бара да се почитуваат законите и колективните договори, а зголемувањето на платите да се изврши по усогласувањето на платите со Законот за минимална плата. Зголемувањето на минималната плата да се изврши според критериумите предвидени со Законот за минимална плата.
– Доколку ова наше укажување и барање за правична распределба на буџетските средства во делот на плати не се проектира врз основа на Законот за минимална плата, во тој случај раководството на КСС, под притисок на своето членство, ќе донесе одлуки со кои ќе ги активира сите расположливи синдикални средства за одбрана и унапредување на своите права, не исклучувајќи ги и најрадикалните, а тоа се масовни протести и генерален штрајк во сите дејности во јавниот сектор – велат од КСС.
Синдикатот смета дека со зголемување на платите во дел од јавниот сектор и со најавата за зголемување на минималната плата на 18.000 денари се прави упад во системот на плати со што се создава нерамноправност кај работниците кои имаат различен статус и задачи, односно се врши „урамниловка“ на платите на поголем број на работници.
– Хаосот што е создаден последниве неколку години во методологијата на исплата на плати воопшто нема да се амортизира со планираните зголемувања на плати од 5 до 15 отсто само во одредени дејности додека постоечките плати не се усогласат во согласност со Законот за минимална плата. Овој наш став се темели врз аргументите дека со секое зголемување на минималната плата, се повеќе работни места со различна сложеност на работата, како и различни коефициенти или бодови според Колективен договор или Закон, добиваат иста плата – велат од КСС.
Како примери синдикатот посочува дека во детските градинки 7 работни места со различни бодови земаат иста (минимална) плата. Во основното образование, различни работни места земаат иста (минимална) плата. Во јавната и државна администрација референтите кои се носители на дејност се изедначени со платите на помошно-технички персонал, т.е сите примаат минимална плата.
– Тоа би значело дека помошно-техничкиот персонал, односно најниското работно место по сложеност на работа, со плата буквално ќе се изедначи со носителот на дејност од кој се бара сложени и одговорни вештини и знаења- велат од КСС.
Според овој синдикат да се надмине оваа појава потребно е минималната плата да се утврди според законските критериуми
– Законот вели дека минималната плата треба да биде основна плата за секој работник а понатаму и доколку се зголеми минималната плата во рок од 6 месеци треба да се усогласат колективните договори согласно член 2 кој вели дека „минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавецот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време“ и член 8 став 1 кој вели „постојните колективни договори ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рок од шест месеци од денот во влегувањето во сила на овој закон“-потсетуваат од КСС.
КСС, како што додаваат, не е против зголемување на минималната плата, но бара тоа да биде врз основа на параметрите кои го регулираат ова прашање, меѓутоа претходно треба да се усогласат постоечките плати според Законот за минимална плата.
– Доколку ова не се направи, многу брзо ќе дојде времето кога хигиеничар и раководител ќе земаат иста плата. Ќе дојде време кога единствен мотив за образование ќе биде стекнување на знаења и вештини што нема да се применуваат во сопствената држава, туку некаде далеку, таму каде што се почитува трудот и законот – велат од КСС.
КСС очекува пратениците да бидете прагматични и да ја поправат направената штета врз работниците во јавниот сектор.
– Работниците да го добијат она што им следува согласно Законите и колективните договори. Впрочем сведоци сме дека секоја година имаме зголемување на буџетот за најмалку 10 отсто, но нашите пари кои ни следуваат ги нема – велат од синдикатот.