„КРВОЛОЧНА МАСОВНА ТЕПАЧКА ВО РОМСКАТА НАСЕЛБА ВО ЗЛОКУЌАНИ“ Жителите на три населби се во опасност од насилници, предупредува Општина Карпош
Општина Карпош ги повика полицијата, обвинителството и судот, најстрого да ги санкционираат насилниците од Злокуќани, кои, како што велат од Општината, подолг период ги загрозуваат жителите на населбите Злокуќани, Бардовци и на Влае 1.
„Општина Карпош е згрозена од синоќешниот немил настан во ромската населба во Злокуќани. Такво насилие, крволочност, со употреба на лопати, секири, ножеви… (за среќа извадениот пиштол не успеал сопственикот да го репетира), е незапаметено во историјата на Карпош. Оваа масовна тепачка во ова населено место не е прва. Дел од ромската населба во Злокуќани станува гето, опасност за живеење на жителите кои сакаат мирно да ги поминуваат деновите, но уште поопасно за граѓаните кои што гравитираат во тој дел, како и фирмите кои што имаат имот во оваа населба. Речиси да нема граѓанин кој што физички не бил нападнат. Не постои куќа или фирма која повеќе пати не е брутално ограбена, а сторителите се познати и на мештаните и на органите на прогонот“, се наведува во соопштението од Општина Карпош.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски повеќе пати разговарал со полициската станица Карпош и со Основното јавно обвинителство за насилниците да бидат санкционирани.
„Општина Карпош бара од полицијата, обвинителството и судот, најстрого да бидат санкционирани учесниците во оваа нецивилизирана, преполна со агресија тепачка својствена на средниот век, а не на цивилизирана заедница како што е оваа општина. Доколку овој немил настан не се санкционира соодветно, а границата е помината веќе со години, состојбата ќе биде уште полоша, а агресивните насилници ќе земаат сѐ повеќе замав“, предупредуваат од Општина Карпош.