КРУЖИ СТОМАЧЕН ВИРУС СО СИЛНИ СИМПТОМИ Внимавајте на хигиената и внесувајте доволно течности!
Стомачниот вирус e присутен во текот на целата година, но тој е најчест во пролетните и во летните месеци. Лекарите истакнуваат дека и оваа година е зголемен бројот на пациенти со типични симптоми на вирусен гастроентеритис, слично како и во претходните сезони. Дел од заболените пријавуваат интензивни симптоми, вклучувајќи и висока треска.
Повраќање, дијареја, стомачни грчеви, висока температура и треска – ова се симптомите на стомачниот вирус што периодов масовно ги погодува граѓаните. Вирусот предизвикува нагло влошување на состојбата кај пациентите, оставајќи ги физички исцрпени и приковани за кревет неколку дена.
Весна од Скопје за Плусинфо го опиша своето искуство како „најлошото што ѝ се случило досега“ со ваков вирус.
– Пред да си легнам сè беше нормално, не чувствував ништо необично. Но, некаде околу 5 часот наутро се разбудив од сон со страшни болки во стомакот – вели Весна.
Веднаш по болките, започнале и другите симптоми, нагони за повраќање и дијареа, кои се влошувале со секој изминат час.
– Не можев од кревет да станам. Немав сила ни до тоалет да одам. Морав да барам помош, моите ми донесоа леген до креветот – додава таа.
Како што раскажува Весна, состојбата бргу ескалирала, покрај мачнината и болките, почнала да чувствува и треска и температура.
– Уста не можев да отворам, сè што ќе каснев го повраќав. Дури и чај кога ќе се напиев, не можев да го задржам. Морав да земам апчиња против дијареа, пробиотици – вели таа.
Со оглед на ослабеноста, Весна повикала и медицинска екипа која ѝ ставила инфузија дома, обидувајќи се барем малку да ја стабилизира состојбата.
– Досега вакви симптоми не сум имала, дури ни кога сум имала друг вирус. Навистина беше страшно. Веќе трет ден ме држи, болките малку попуштија и дијареата и повраќањето се намалија, ама чувството е речиси исто – раскажа Весна.
Слично искуство пренесе и родител на 2-годишно дете кое развило симптоми на висока температура, повраќање и на пролив.
– Температурата му се качи на 39,8 степени, не јадеше ништо, само повраќаше. Две ноќи не спиевме, го ладевме и му дававме сируп за температура – вели таткото.
Секое е лето, па и ова, зголемен број случаи
Стомачниот вирус (вирусен гастроентеритис) е инфекција предизвикана од различни ентеровируси, која почесто се јавува кај помладите лица. Иако може да се појави во текот на целата година, најголема зачестеност има во пролетните и во летните месеци.
Општите лекари потврдуваат дека ситуацијата е слична на претходните години.
– Како секоја година, и оваа година имаме зголемен број пациенти со симптоми на стомачен вирус. Карактеристична клиничка слика е епигастрична болка, грчеви на абдомен, гадење, повраќање, дијареа, треска, зголемена телесна температура и болки по телото – вели за Плусинфо доктор Ахмед Нуредини од ПЗУ Хумана, амбуланта по општа медицина.
Според него, посебно загрижувачки се случаите кај ризичните категории: деца, постари лица, хронично болни и лица со ослабен имунитет.
– Кај овие пациенти може да се јави потешка клиничка слика. Препорачуваме да се побара лекарска помош кога симптомите траат повеќе од 2–3 дена без подобрување, при дехидратација, висока температура или при присуство на крв во изметот – додава д-р Нуредини.
Како што објаснува, заразата најчесто настанува преку контакт со други заразени лица или преку лоша хигиена, особено во летниот период.
– Од нашето искуство, пациентите најчесто се заразуваат преку контакт со заразени (во домови, базени) и преку храна. Кај децата голем проблем се и лошите хигиенски навики – вели тој.
Летото создава идеални услови за развој и за ширење на стомачни вируси:
– Повисоки температури – топлината ја забрзува контаминацијата на храната и на водата;
– Консумација на ризична храна – сладоледи, свежи овошја, улична храна, месо на скара, недоволно добро чувани млечни производи;
– Вршење нужда во јавни тоалети и присуствување во објекти со непозната хигиена;
– Капење во загадени води (базени и езера), вирусите може да се пренесат преку вода што не е добро третирана.
Разлики меѓу стомачен вирус и труење со храна
Иако симптомите може да бидат речиси идентични – дијареја, повраќање, болки во стомакот, слабост – сепак стомачниот вирус и труењето со храна не се исто.
Разликувањето честопати не е едноставно, особено во првите часови од појавата на симптомите, кога пациентите чувствуваат драматично влошување на состојбата без јасен извор.
Сепак, според лекарите, најголемата разлика е во моментот на појава на симптомите и во нивната тежина.
– Клиничката слика е слична, но разликата е во времето на појава и во интензитетот. Кај труење со храна симптомите се појавуваат 1–3 часа по оброкот, а кај вирусот по 48–72 часа од контакт со заразен извор. Ризикот за дехидратација е поголем кај труењето бидејќи повраќањето и дијареата се поинтензивни – објаснува д-р Нуредини.
Разликувањето честопати зависи од времето кога симптомите почнуваат, дали се јавуваат кај повеќе лица истовремено и дали имало заеднички извор на храна. Дијагнозата најчесто се поставува врз основа на добра анамнеза и на клиничка проценка.
Препораки за заштита и за лекување
Стомачните вируси и труењата со храна не можат секогаш да се избегнат, но со внимателни навики и со добра хигиена ризикот значително се намалува. Еве што можете да направите за да се заштитите:
– Мијте ги рацете темелно со сапун, особено пред јадење и по користење тоалет;
– Избегнувајте улична храна и храна што стои долго на топло;
– Измивајте ги темелно свежото овошје и зеленчукот;
– Не консумирајте храна со сомнителен вкус, мирис или изглед;
– Пијте само безбедна, чиста вода;
– Ако се појават симптоми, одморете, хидрирајте се со мали голтки вода, чај или со раствори за орална рехидратација.
– По потреба, консултирајте се со лекар и не земајте антибиотици без препорака;
– Ако состојбата трае повеќе од 3 дена, особено со висока температура, крв во столица или сериозна дехидратација – неопходно е медицинско внимание.