КРСТЕВСКИ ВЕТИ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПАТИШТАТА И НА СТАДИОНОТ ВО РОСОМАН Николоски го пофали, најави проширување на спојот помеѓу Росоман и експресниот пат
Нема да има повеќе дечиња на листата на чекање во детската градинка, ќе ги прошириме урбанистичките опфати на населените места и ќе изработиме нови урбанистички планови. Ќе ги реконструираме полските патишта во сите населени места, ќе воведеме бесплатни саеми за земјоделците од општина Росоман со посета на регионалните саеми во Нови Сад, Пловдив и Солун, изјави кандидатот за градоначалник на општина Росоман, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Крстевски.
Кандидатот за градоначалник на општина Росоман, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Крстевски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека време е за промени во Росоман за подобра иднина за да биде општина што се менува, што расте и се развива со реализација на бројни проекти како реконструкција на патиштата, на стадионот и проширување на сите локални патишта.
– Со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и со тимот на чесни, работливи луѓе започнуваме ново поглавје за Росоман. Во следниот мандат, заедно ќе го направиме она што многумина рекоа дека е невозможно. Ќе воведеме проект зелена општина Росоман. Нема да има повеќе дечиња на листата на чекање во детската градинка, ќе ги прошириме урбанистичките опфати на населените места и ќе изработиме нови урбанистички планови. Ќе ги реконструираме полските патишта во сите населени места, ќе воведеме бесплатни саеми за земјоделците од општина Росоман со посета на регионалните саеми во Нови Сад, Пловдив и Солун – вели Крстевски.
Крстевски истакна дека ќе се реконструира стадионот, ќе се проектира нов локален пат од Росоман до Крушевица и многу други проекти во областа на образованието, спортот и културата.
– Ќе го реконструираме стадионот во Росоман, со пешачка патека и реквизити за најмалите. Проектирање и изведба на нов локален пат од Росоман до клучка Крушевица, проширување на сите локални патишта до населените места, финансиски стабилно и современо Јавно комунално претпријатие со нова зграда и зголемена плата за вработените. Модерно и современо образование. Поставување на надзорни камери и отворање на полициско одделение во соработка со МВР, модерен и атрактивен локален туризам, развој на спортот и културата, ова не се само зборови, ова е план. План што ќе го спроведеме со работа, чесност и одговорност – рече Крстевски.
Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати од денешниот народен митинг одржан во општина Росоман. Николоски зборуваше и за експресниот пат, кој беше пуштен годинава, а истакна дека веќе се работи на два проекти, заедно со ЈП Државни патишта.
– Успеaвме на почетокот на оваа година да го пуштиме и експресниот пат, првата фаза која што одеше од Градско до Дреново и втората од Дреново до Фариш. Тука е директорот на ЈП ,,Државни патишта” и сакам да најавам дека со него веќе работиме на два проекти. Спојот со село Сирково, тоа сме го ветиле и тоа ќе го реализираме, и второто е проширување на спојот помеѓу Росоман и експресниот пат. Има еден спој, но тој треба да се прошири и да стане еден убав модерен пат, којшто го спојува Росоман со експресниот пат и на тој начин да се стига побрзо и до Скопје, но и до Прилеп, до Битола и Росоман да има многу поголема корист од самиот експресен пат, околу кој што може да се развие и цела индустриска зона – кажа Николоски и додаде:
– Тоа е нешто на што треба да размислуваме на следниот период, имајќи ја предвид одличната локација, одличната поврзаност и со автопатот, и можноста компаниите директно да се приклучат на експресен пат. Мислам дека треба сериозно да работиме со новиот градоначалник на формирање на една индустриска зона, каде што ќе можат компаниите да вложуваат, а сигурен сум дека интересот ќе биде голем.