Крстарењето на крокодилот

2,695

По моето маало често го среќавам Него, како со две – три кучиња кои кружат наоколу, чекори спрема центарот на градот. Ми дојде чудно што напати различни кучиња го пратат, млади и од убави – поубави. Тоа беше поводот што го прашав – кај ги наоѓа кучињата и зошто така често ги менува. Тој, така горд, го истегна вратот угоре и самоуверено ми рече дека тие него го наоѓаат… дека е бездомник, кој секој ден, од едно блиско лозје, од под Водно, доаѓа во градот заедно со некое од кучињата, исто така бездомници, кои одлучиле да појдат со него

– Каков бездомник си ти млад човеку, – му реков – кога си секогаш дотеран и измазнет?






– А, за тоа немам гајле! Ме даруваат луѓето со алишта. Имам за бутик да отворам. И со чевли сум редовно снабдуван, од пазарџиите, кои на тезга ги продаваат. Ми дозволуваат да избирам сам, спрема сезоната. И за јадење исто така немам гајле. – Имам јатаци кај кои секој ден се опскрбуваме и јас и кучињата. И кафе сум честен од некои гости… и со по некој чаршиски муабет сум сајдисан… од разни луѓе.

– А, кај спиеш?

– Во лозјето! – ми одговори, растегнувајќи ја устата до самите уши. – Прво спиев меѓу дрвата под скалата на викендицата која е изградена над лозјето, па, откако еден зимски ден ме затече сопственикот уште нестанат,… по краток разговор, ми го даде клучот од подрумот. Извади некои работи од него, го среди… ми донесе кревет и постела, а по некое време и телевизор. Сега кучињата спијат под скалата и трпеливо ме чекаат наутро да станам, бесшумно здушени до вратата. Задоволен е газдата од мене и јас од него.

Со лозјето другарувам цела година – и во лето, и на зима. До касно во есента наоѓам по некои заборавени гроздови окачени на лозата и ги делам со моите пријатели гаврани, незаборавајќи ги дивите зајчиња, скриени во кошарето што им го сплела мајка им од суви гранчиња и лозови лисја. Ги надгледувам, со мерак, и вкопаните ежови во ровката црвеница, како и дупките во кои се запретале желките, кои, први на пролет, како полјаци, заедно со желчињата зад нив парадираат по лозјето чекајќи да узрее грозјето… И јас парадирам со нив, заедно со кучињата кои се моето семејство. Така растрчани угоре – удоле по лозјето, сите заедно ја славиме убавината на слободното живеење.

– А, зошто со различни кучиња шеташ? – го препрашав

– Ми ги трујат… – рече и недоискажан, застана.

– Немаат душа..! – изустив, колку да прокоментирам.

– Неее! – строго и гласно, ми се спротивстави мојот соговорник. – Тие имаат душа, која е дар од Бога на сѐ што дошло на овој свет да цвета и да мре, само… – им се случил куршлус во мозокот! – Така рече, и без да има намера да продолжи, со показалецот си изврте неколку круга околу слепоочницата, задржувајќи го погледот вперен кон чаршијата.

Мене, не ми беше баш јасно за „куршлусот“… па го прашав: – Дали е тоа некоја болест?

– Не! – ми рече со сериозност на лекар кој утврдил дијагноза, и откако отсечно ја проклати главата, продолжи: – Таквите луѓе се навидум здрави, ама, така поткусурени… Не дај Боже да ти се дома…!

– Е, што е работата…!? – нејасно, ама упорно со детска љубопитност продолжив да прашувам.

– Наизглед, ништо… Само што, од некоја внатрешна безбожна сила, доживеале распад на одредени дамари на разумот, со уништување на центарот за самоконтрола и губење на мерата за пристојното однесување.

– И?

– Иии… ништо! Со така општонарушен систем во мозокот, неспособни да пронајдат избалансирана средина во изгубената врската помеѓу душата и разумот кој не е баш секогаш правичен, остануваат без дикат… Им исчезнува достоинството, како и фундаментот – совест, кои  се својствени само на човекот. Без нив, останува самонакараден и слезен од високото-цивилизациско скалило… стапнат врз рамништето на самоизградениот тврдокорен егоизам, егзистенцијално својствен само на животните. – За нив оправдан, бидејќи се во хармонија со строгите закони на природата, но, за цивилизираниот човекот, не!

За момент се замолчевме и двајцата веќе седнати на најблиската клупа. Како да се заморивме. Јас напрегнато го слушав за поубаво да го разберам, ама и заинтересирано, а, тој – во елемент… продолжи:

– Гледај го во документарните филмови прекрасниот белоглав орел како ги слави и краси височините на Мавровскиот Регион. Нарекуван е цар на небото, без никој да го обвинува за неговата беспрекорна грамежливост, ниту да губи од својата величественост и почит, кога со раширените двометарски крилја кружи високо по небото, а канџите, пригодно подвиткани и секогаш спуштени да грабне некое од патчињата кои уживаат нуркајќи во езерските води, и тоа – „туѓо чедо“ да му го однесе како храна, на „своето чедо“ кое скриено во дупче од некоја висока карпа со зината уста чека да биде најадено. Восхитува глетката која е нормална во природниот опстанок на животинскиот свет, кога – грижната орлица со клунот скубе од месото на туѓото пиле и го гнети дирекно во грлото на своето, или кога под собраните крилја, не штедејќи се себе, си го крие орлето, за да го заштити од изненадниот и јак пороен  дожд, кој со сета жестина на летна бура од повисоките карпи се сурива врз неа, покривајќи ја со пластови кал, склизнати од повисоко.

– Таа е тоа…! И човекот и животните понекогаш се наоѓаат, за жал, на исто рамниште… – реков, колку да не молчам, а тој ме дополни:

– Не му доликува на човекот да се најде на рамништето од животните и да се однесува како човеколико животно!… На чопорите животни природата им дозволила да го напаѓаат послабиот и тој да стане нивен плен…. но, не и на човекот од заедниците на луѓе.  Ама, ние сме примитивно битие и милиниумите не успеале да нé одвојат, баш многу, од животните. Останавме какви што сме биле тогаш и сега – исти, без воспоставена контрола врз своето однесување. Егоизмот кој се раѓа заедно со нас спестен во скриеното и необјатното во нашето постоење, до крајот на животот, свесно или несвесно, помалку или повеќе, нé блокира, и игра, една од најважните улоги во нашиот опстанок. Исто, како кај животните.

– Се потруди момчето, ете–така, „стручно“ да ми објасни за непоходната чојственост во човекот, – си реков во себе и кога помислив дека завршивме со разговорот, тој продолжи:

– Пред извесно време, повторно го гледав и огромниот крокодил како милозливо и бескрајно внимателно крстари по мирните води и размавтан со опашката ги разбранува, а во полуотворената челуст, позади збиените две рала страшни заби, разнежено ги прибрал и води на туристичко–животна екскурзија своите неколку десетици испилени крокодилчиња, и како грижен татко, бара интересно место каде ќе ја закотви канџата и на новата освоена територија ќе им овозможи на милите, да се распрснат… а тој да ужива во глетката.

– Тој не беше сам! – ми рече, гледајќи ме право в очи, за да се увери дека го пратам. – Од плиткото, цапнати до колена во вода, внимателни да не си ги наводенат гаќите, со спуштена дланка накај папокот, пријателски му мавтаат – Подмижаниот, Нечешланиот и некои други…. а сосема на плиткото се наредиле повеќе водни  црви, со закачен задник во песокот, а со главите разнишани над водата, чекајќи нешто да докачат, додека поздравуваат…

Јас веќе бев појдена и не го дослушав, ниту го разбрав последното што го зборуваше… кога ми довикна, правејќи чекор кон мене:

– Чекај! Не ти кажав дека тој, истиот крокодил сум го видел и кај нас, за време на дамнешната војната со нашинците… Ама и пред… околу три години, кога, откако ја закотви со ченгел крстарицата во водите на Вардар, го покажаа на телевизија како влегува во нашето растур-Собрание и само што застана на говорницата, прво што рече, беше: – „Ви честитам, и ви ја поздравувам двојазичноста…“. Никој… Никогаш не чув коментар… ниту за молкот кој настана после тоа… Јасна ни беше работата! – Ни се поплука во големата дупка која ја ископавме пред себе…

Тогаш, и јас се поврнав и го прашав: – Од каде си ти пријателе, и кога успеа во себе да присобереш толку приказни?

– Од Тетоо! – Извика и правејќи чекор напред, продолжи: – После војната со новите качаци кои ни нагрнаа како скакулци, најповеќе од зад планина, морав да бегам од мојот изгорен дом, кој беше во угорницата, под гробиштата на Поток.

– Зашто не остана да се бориш?

– Затоа што бев мал! Ама бев доволно голем, со другарите да се искачуваме и да шетаме по цела Шара, дури и во времето на… што беше тоа?! Војна?

– Е, што беше, де? – го прашав.

– Знаеш ти убаво што беше, ама јас да ти докажам: – Шетавме ние и тоа угорно по течението на реката Пена до самиот нејзин извор, еј… таму горе, до самите планински врвови, Чубрилоица и Борислоица. Тука некаде извира и тече како две мали рекички, а над селата Вешала и Бозовце се формира во една и се сурива од високо, затоа е бујна. Потоа, проаѓа по селото Вешале, па скршнува во селото Вејце, и, така…

Развеселен, мојот пријател зборуваше за реката, покажувајќи со високо крената рака како пред него да се висините на Шара, како да ги гледа раззеленетите ливади и шумарлаци распослани под топлината на планинското сонце:

– Ги сонувам… и на јаве ги гледам сите патчиња по кои трчавме со другарите како зајаци до највисиките врвови на планината, накитена со безбројни извори и водопади, езерца, викани „планински очи“… за премалени да заспиеме како јагниња на ливадата пред некое бачило… Напоени и накрмени од овчарите се враќавме дома доцна во ноќта, по месечина, а кучињата шарпланинци трчаа по нас и нé попраќаа како да се наши сејмени…. Тоа беше кога во планината немаше качаци… И, откако нагрнаа – пак шетавме…! Почесто одевме и во Гајре, и скришум гледавме како од хеликоптери им спуштаат контејнери со храна и оружје… и како се пречекуваат високи гости со крокодилски амблеми на униформите, поканети на ревијата – нови униформи на УЧК… Ги видовме и искасапените во Вејце… на денешен ден – 28 април 2001 година…

– Добро, добро… мој пријателе.

– Што добро, бре? – ме прекина. – За тебе е можеби добро, за мене не! Станав бездомник…! Уште на сон ги гледам Косоварите кои како чопор волци скокаат по брдото и пукаат од кај лозјата, над гробиштата во Поток. Откако ги ископачија лозјата, .си направија и домови во новата населба „Дреноец“, и илјадници од преку планина дојдени, се здобија, годиниве, со двојни државјанства и лични карти, имот… Се шират, а мене ме истераа. Главниот бизнис со сé и сешто, тие, здружени го водат… Затоа, во пописот се покажа дека, „слабо“ се иселени од Тетово…

И, уште нешто: – Ништо од ова што ти кажувам на никого не му смета. Не сметаат ни од поодамна намножените споменици на нивните херои – кољачите Џемо, Хасо, Мефаил… со развиорените долгометарски црни орли, со кои се гордеат. Ни модерните кољачи од 2001-ва, што ги главивме во власта за да ни ја управуваат државата! Тие, допрва ќе креваат споменици… како во кумановско Слупчане – кула, висока над педесет метри со двоглав орел на врвот, „во чест на бранителите… херојски подвиг на мачениците…“! Што бранеа, во чија земја и од кого? А? – Нашите, кои се побунија против беззаконието во државата… тие, мајчините, нека лежат двесте години во затвор! И тоа не ни смета?! Смета споменикот на нашиот и од нас наречен кољач, крвник, убиец… – Ќосето? Да се уништи..!!! На празното постолје, пред Судот, нека се стави копија од Слупчанската кула… Да се знае дека кољачите станаа бранители, а бранителите, кољачи, во државава, која на две спротивни страни, официјално слави исто случување, со две вистини!? Држава ли е, или трагична смеурија…!?

Викаше мојот соговорник, а јас молчев… Ракувајќи се со мене на разделување, со моја дозвола, ми постави прашање: – Што мислиш… што мајка бара, тој, истиот крокодил, овојпат тргнат по веќе, „проверената“ маршута од Бонапарта и Хитлер, да ја закотви канџата од неговиот туристички брод, на последното петличе од рубашката и тоа токму под гркланот на Русија ?

Би сакала да го сретнам и друг пат. Белки ќе имам готов одговор.

Од мене, Првомајски поздрав до моето Тетоо:

 

„Не ми веј бело знаме

на врв Свети Танасие на Кале.

Прашај ме и мене – ал сакам

ка трн у очиве да ме глоѓе,

путот да ми се мути

ко се приближуем

од Требош до Монополот

по друмот рамен,

когај забраам д’ка

по којзнае кој пут доаѓам

– се враќам врз пепеута

од изгоренете ѕвезде на моата младос…“

 

 

(од Збирката – „Правостоина“, издание на Матица Македонска, 11.10.1997 год., на авторот)

 

Поврзани содржини