КРШЕЛЕ КАТАНЦИ И КРАДЕЛЕ МАШИНИ ОД МЖ ИНФРАСТРУКТУРА Четворицата крадци во четири наврати го „чистеле“ магацинот
Од Обвинителството соопштија дека направената штета е со вкупна вредност од 1.239.000 денари.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе кривична постапка против четворица сторители кои, во текот на април, извршиле серија тешки кражби од објект на ЈП МЖ Инфраструктура – Скопје, лоциран на булеварот „Србија“.
„Осомничените во четири одвоени наврати, со употреба на физичка сила и алат, го кршеле катанецот на металната капија од објектот и влегувале внатре. Од таму одземале машини и други предмети, со вкупна вредност од 1.239.000 денари“, соопштија од Обвинителството.
Последниот обид се случил на 14 април, кога двајца од групата повторно дошле до објектот и се обиделе да украдат парчиња лим. Но, биле забележани и задржани од страна на вработените.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за сите осомничени“, додадоа од ОЈО.